ДЕХРАН МУРАТОВ
Македонското Собрание доби нов парламентарен состав, во кое нема место за припадник/чка на ромската етничка заедница.
Во минатото, не дека нешто се прославија ромските пратеници и нешто придонесоа за доброто на државата или за ромската заедница, меѓутоа „нашата земја“ можеше да се пофали дека го негува плурализмот, мултикултурализмот, различноста и дека во највисокиот законодавен дом има место за сите.
Но, во политиката добиваш толку колку што ти вреди гласот. А видовме дека гласот на Ромите вреди илјада денари. А оние ромски лидери „човек партија“ кои се активираат само пред избори и кои тргуваат со ромските гласови не успејаа да се изборат за добитно пратеничко место. Односно, можеби се договорија да добијат некое „место“ за себе, или за своите најблиски. Ќе видиме во наредниот период.
И додека сите очи беа вперени во изборот на новиот парламентарен состав и претседател на Собранието, Африм Гаши, од МВР соопштија дека на 27 мај во преосториите на Општина Шуто Оризари бил нападнат единствениот ромски градоначалник Курто Дудуш, кој беше во коалиција со „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ. Причините за нападот засега се непознати.
Добитно пратеничко место не се добива со расцепкани ромски гласови, меѓутоа ако коалицираа сите 11 или 12 ромски политички партии и гласовите на Ромите да се слеваа во „едно конто“ сигурно Ромите ќе имаа најмалку еден пратеник. Ама, лидерите на ромските политички партии решија да коалицираат со македонските партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и коалицијата „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, освен новоформираната партија АВАЈА која настапи самостојно.
П.С. Инаку, Ве поздрави Бадентер. (ЦивилМедиа)