Мицкоски и Пленковиќ во Охрид: хрватската поддршка како европски тест за Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски во Охрид го пречека хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, во рамки на официјалната посета која Владата ја претставува како потврда за добрите односи, пријателството и стратешката соработка меѓу Македонија и Хрватска. Средбата доаѓа во период кога македонскиот европски процес останува политички закочен, а хрватската поддршка повторно се поставува како еден од најјасните сигнали од земја членка на ЕУ кон Скопје.

Според владината агенда, посетата почна со пречек на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, по што следува тет-а-тет средба меѓу двајцата премиери и билатерална средба на двете делегации. Во рамки на посетата е предвидено и потпишување договори за стратешка соработка, како и меморандум за соработка во областа на енергетиката.

Фокусот на разговорите не е само протоколарен. Енергетиката, економската соработка и бизнис-релациите се дел од пошироката рамка во која Хрватска се позиционира како партнер што може да ѝ помогне на Македонија и политички и институционално. По официјалните средби, предвидена е и заедничка прес-конференција, како и бизнис-средба меѓу компании од двете земји.

Хрватска во изминатите години постојано ја повторува поддршката за македонскиот европски пат, а Загреб настапува и како земја што сопственото искуство од преговорите со ЕУ го нуди како практична помош. Хрватското Министерство за надворешни и европски работи во февруари годинава оцени дека билатералните односи се темелат на отворен политички дијалог, меѓусебна доверба и силна соработка во рамки на НАТО, со подготвеност за проширување на економската и инфраструктурната соработка.

Најчитано