Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицкоски на средба со Гренел кој сакаше да разменува територии на Балканот

„Плодна и пријателска вечера со Ричард Гренел, американски дипломат, поранешен директор на американската разузнавачка служба и добар познавач на состојбите на Балканот. Економија, енергетика и владеење на право, теми за продлабочување на соработката“, напиша премиерот Христијан Мицкоски околу вечерата со поранешниот американски функционер од времето на Доналд Трамп, Ричард Гренел.

Гренел остана познат во јавноста кај нас заради обидот да издејствува размена на територии меѓу Косово и Србија и на тој начин да го реши спорот меѓу Белград и Приштина, што беше дочекано на нож од ЕУ и пропадна по покренувањето на обвинението против Хашим Тачи од Хаг.

Контроверзи имаше и околу неговото амбасадорување претходно во Германија каде што се сметаше дека е близок со крајната десница, поради што беше изолиран. Оваа средба очигледно се случува поради очекувањата Трамп да се врати на власт, но е дипломатски некоректна во однос на актуелната администрација на САД и тоа откако Мицкоски најави дека оди во Вашингтон за да ги јакне односите и соработката со оваа земја.

За средбата реагираше и странскиот аналитичар и добар познавач на Балканот Раниер Јаарасма.

„Една од првите средби на Мицкоски е со Рик Гренел, претставникот на Трамп кој градеше авторитарна оска на Балканот. Гренел ја поткопува надворешната политика на САД уште откако Трамп ја напушти функцијата. Новите надворешнополитички приоритети на Македонија стануваат појасни“, напиша тој на Твитер.

Мицкоски пред да замине за САД најави дека со делагацијата што ја предводи ќе бидат дел од одбележувањето на 75 години од основањето на НАТО, при што ќе оствари голем број билатерални средби со државници на земји членки на Алијансата, но и средби со бизнис заедницата во Соединетите Држави каде ќе ги презентира потенцијалите кои ги нуди земјава. Мицкоски во видео пораката до јавноста, пред заминувањето за Вашингтон потенцира дека ќе најави уште една нова странска инвестиција на компанија која што е дел од листата на најголемите петстотини компании во САД, нови десетици милиони евра инвестиција и нови работни места за македонските граѓани.

-Тоа е она кое што преставува основен приоритет на новата влада во Македонија, нагласи Мицкоски.

Тој напомена и дека последните денови во Њујорк ќе ги искористи за средба со македонската дијаспора, македонските иселеници.

-Би сакал од нив да слушнам што е она што тие го очекуваат од новата влада и нормално, што е она што новата влада ќе го понуди за да можат нашите исселеници да се вратат дома, во нивната татковина, таму да инвестираат и практично да ги избегнат сите оние пречки кои што беа изминатиот период со кои тие се соочуваа при своето доаѓање назад во својата татковина, рече Мицкоски.

Зачлени се на нашиот е-билтен