Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицотакис – Сакеларопулу: Грција може да одигра улога во мировните напори на Блискиот Исток

 Загриженост за ситуацијата на Блискиот Исток, но и надеж дека Грција може да одигра улога во мировните напори на Блискиот Исток, изразија грчката претседателка Катерина Сакеларопулу и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на нивната денешна средба, јави дописничката на МИА од Атина. 

Ја истакнаа и важноста на хуманитарната помош, а Мицотакис го повтори ставот дека Израел има право на самоодбрана, но со почитување на меѓународното право и заштитата на човечките животи во Појасот Газа. 

Рече дека в сабота ќе учествува на мултилатералната конференција во Каиро, која Египет ја свикува за палестинското прашање и ќе има можност да ги пренесе ставовите на Грција.

-Грција е земја која беше претендент и ја освои улогата на столб на стабилноста во регионот. Соговорници сме со сите Влади, ги почитуваме нашите стратешки сојузи, од друга страна сме сигурни соговорници и очигледно сме првата земја која посакува деескалација на тензиите, бидејќи, тоа, очигледно ќе има влијание во регионот на источниот Медитеран, истакна грчкиот премиер.

Претседателката на Грција посочи дека ситуацијата е релативно неодамнешна  и „во моментов не гледаме перспектива за позитивна разврска“. 

-Хуманитарниот дел е на прво место, не треба да се прави дискриминација по религија или идеологија, човечката вредност и човечкиот живот се пред сѐ. Го разбирам сето она што го споменавте, за многу добрите односи и влијанието што нашата земја го има и улогата што може да ја одигра во секој мировен напор, тоа е најважното нешто. Посакувам сѐ најдобро, што поскоро да има мир во регионот за сите да можат да живеат достоинствено. Го посакувам тоа, бидејќи во моментов работите навистина се многу загрижувачки и тешки, потенцираше грчката претседателка. 

Треба да знаете
Moже да ве интересира