Милионска измама со европски субвенции на Крит, уапсени 20 лица

Грчката полиција уапси 20 лица на Крит под сомнение дека биле дел од организирана мрежа која преку лажни закупи и фиктивни земјоделски пријави незаконски повлекувала европски субвенции. Според првичните информации, штетата надминува три милиони евра.

Меѓу уапсените има сметководители и лица поврзани со службите за поднесување земјоделски пријави, кои имале пристап до податоци за земјиште. Истрагата покажува дека мрежата идентификувала парцели што не биле пријавени од сопствениците, по што се изготвувале лажни договори за закуп и се поднесувале фиктивни барања за субвенции.

Парите биле исплаќани преку грчката организација за земјоделски субвенции ОПЕКЕПЕ, институција која во изминатиот период е во центарот на пошироки истраги за злоупотреба на средства од европската Заедничка земјоделска политика. Според досегашните наоди, шемата функционирала од 2019 година, а истрагата може да опфати значително поголем број лица.

Грчките медиуми наведуваат дека случајот е дел од поширок проблем со земјоделските субвенции во Грција, кој претходно доведе до истраги на Европското јавно обвинителство, политички притисок и институционални промени во системот за контрола на исплатите.

Полициската операција продолжува со претреси и анализа на запленета документација и компјутерска опрема. Надлежните треба да утврдат колку лица биле директно вклучени во измамата, колкав е конечниот износ на незаконски исплатените средства и дали во шемата имало заштита од службени лица.

Најчитано