Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Морачанин: Зелената агенда нема друга алтернатива и замена, тоа е патот кон кој мора да се движиме

„Македонската зелена агенда: Реалност или тешко остварлива цел?“, е тема на денешниот панел во организација на Зелен Цивил.

За тоа колку всушност е реална зелената агенда на Северна Македонија, дали се поседува институционално и системско знаење што претставува Зелената агенда, кои се перспективите, а кои предизвиците во нејзино спроведување, постои ли политички консензус околу зелените прашања, одговара Маја Морачанин, пратеничка и претседателка на ДОМ.

„Зелената агенда нема друга алтернатива и замена. Тоа е патот кон кој ние мора да се движиме, затоа што климатските промени, климатската криза која ја живееме, трендот во европската Унија поради тоа, тој пат е веќе трасиран, со Европскиот зелен договор, и нема враќање назад кон она што порано беше „бизнис како и вообичаено“. Околу ова, никој не треба да има дилема дека  ќе се вратиме назад кон користење на јаглен, кон загадувачки индустрии и така натака, патот е тој.“, вели Морачанин.

Таа се осврна и на досегашната работа и прогрес на зелената агенда во напата земја.

„Колку Македонија како држава успева да спроведе – секако недоволно. Факт е дека во изминатите неколку години има значителен прогрес по ова прашање, особено кога зборуваме за заштита на животната средина, и законската регулатива. Ние навистина донесовме добри законски решенија, усогласени со европските директиви, како што е законот за квалитет на амбиентниот воздух, пакет закони со управување со отпад, закон за инспекциски надзор во животна средина, имаше промени во законот за животна средина… Што значи дека законските норми се добри.

Останува законот за климатска акција да се донесе, исто така многу важен закон, што се однесува за климатските промени, а јавната дебата за овој закон е при крај и очекувам да помине наскоро во влада, и потоа да дојде до собрание, и уште еден, многу важен закон, којшто исто така треба да се усогласи со европските директиви, а тоа е законот за индустриски емисии, којшто го третира делот што се однесува на загадувањето од индустриските капацитети. Генерално, законската регулатива е добра, она што е слабост кај нас, е имплементирањето, односно, спроведувањето на законите“, посочи Морачанин.

Панелот се пренесува во живо на Фејсбук страницата на Зелен ЦИВИЛ и на Јутуб каналот на ЦИВИЛ.

Панел –дискусијата е дел од  проектот „Зелен форум“  што Зелен ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.

М. Д.

Зачлени се на нашиот е-билтен