На Муцунски му се кажа едно па исто

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски се сретна со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова на маргините на министерскиот состанок на НАТО во Хелсингборг, Шведска. Средбата повторно ги потврди длабоките разлики меѓу Скопје и Софија околу европскиот пат на Македонија и условите поврзани со преговарачката рамка од 2022 година.

Петрова по средбата порача дека Софија останува на ставот за целосна имплементација на обврските преземени со европскиот консензус од јули 2022 година, оценувајќи дека тоа е клучно за напредокот на Македонија кон Европската Унија. Таа нагласи дека за Бугарија приоритет остануваат и гаранциите за правата на македонските Бугари.

Во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи се наведува дека двајцата министри разговарале и за регионалната поврзаност, со посебен акцент на Коридорот 8 и потребата од конкретни чекори за прекуграничниот железнички тунел. Но, и покрај инфраструктурните теми, централната политичка порака од Софија остана непроменета: без исполнување на обврските од 2022 година, нема одржлив напредок во евроинтеграциите.

Муцунски, пак, соопшти дека на средбата ја нагласил потребата од решение за билатералното прашање што го кочи отворањето на преговорите со ЕУ. Тој ги реафирмирал позициите на Владата и порачал дека темите поврзани со македонскиот јазик, идентитет, култура и историја не можат да бидат предмет на разговори.

Шефот на македонската дипломатија го отворил и прашањето за правата на македонското малцинство во Бугарија, посочувајќи на потребата од доследно спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права. Со тоа, Скопје повторно се обиде да ја врати симетријата во разговорите, додека Софија остана на линијата дека прашањето за обврските од 2022 година повеќе не е билатерално, туку европско.

Средбата доаѓа по претходна дипломатска тензија меѓу двете земји, кога Петрова во Брисел ја опиша кратката размена со Муцунски како „добра прва средба“, а македонскиот министер потоа реагираше дека станувало збор за едноминутен разговор, не за официјална билатерална средба. Тогаш реагираше и македонското МНР поради употребата на терминот „северномакедонски“ за македонскиот народ.

И оваа средба покажа дека дипломатскиот канал меѓу Скопје и Софија е отворен, но политичката позиција останува речиси непроменета. Бугарија бара исполнување на преземените обврски од 2022 година, а Македонија инсистира дека идентитетските прашања не можат да бидат дел од преговорите. Во таква рамка, дијалогот продолжува, но без видлив поместувачки сигнал.

Најчитано