Морничави информации за напаѓачот од Швајцарија, како и снимки од нападот и апсењето: Прашање беше кога ќе нападне

Три лица се ранети во напад со нож што се случил во четврток наутро пред железничката станица во Винтертур, Швајцарија, при што едно лице е тешко повредено, а другите две се здобиле со средно тешки повреди, соопштија локални медиуми и полициски извори.

Според првичните информации, напаѓачот се движел низ просторот околу станицата и ги нападнал жртвите на различни локации. Прво нападнал човек на перонот кај колосек 3, по што излегол пред зградата на станицата, каде што повредил уште две лица. Се наведува дека жртвите биле избрани без јасен модел, односно наизглед случајно.

Очевидци опишуваат дека во моментот на нападот настанала паника меѓу патниците и минувачите, а дел од луѓето се обидувале да се засолнат или да се оддалечат од местото на инцидентот. Напаѓачот, според нивните изјави, поминал и покрај група деца од градинка, што дополнително ја зголемило вознемиреноста на јавноста.

Инцидентот бил запрен кога двајца невооружени вработени во безбедносната служба на швајцарските железници успеале да го совладаат напаѓачот до доаѓањето на полицијата, пренесува „Tages-Anzeiger“.

Швајцарската полиција соопшти дека уапсениот е 31-годишен државјанин на земјата. Во јавноста се појавија и видеоснимки од нападот и апсењето, кои дополнително предизвикаа силни реакции и загриженост кај граѓаните.

Во истрагата се наведува дека напаѓачот има турско потекло и живеел во Винтертур со својата мајка. Полициските служби претходно повеќепати интервенирале на неговата адреса, а според изјави на соседи, во одредени периоди бил забележан нарушен ред и инциденти во домаќинството.

Според локални извори, напаѓачот бил упатен на психијатриско лекување непосредно пред нападот, но по краток престој бил пуштен, по што повторно се вратил во својот дом.

Дополнително, медиумите наведуваат дека тој подолго време бил познат на безбедносните служби и поврзуван со радикални исламски кругови во регионот Винтертур и Цирих, како и со лица кои биле предмет на антитерористички истраги. Се споменува и дека во минатото бил осудуван за насилно кривично дело, уште во младоста.

Истрагата за точните мотиви, околностите на нападот и евентуалните безбедносни пропусти продолжува.

Најчитано