Никол Кидман била однесена во болница по снимање физички напорна сцена во ринг за серијата Margo’s Got Money Troubles, но според достапните информации не станувало збор за повреда при снимањето, туку за влошување на здравствената состојба додека актерката имала грип.
Австралиската актерка, која во серијата ја игра Лace, поранешна професионална борачка, требало да снима сцени поврзани со професионално борење. На сетот, според сведочењето на нејзиниот колега Ник Оферман, продукцијата веќе имала подготвено голема и сложена сцена со статисти, каскадери и кореографирана акција, па постоела неизвесност дали Кидман воопшто ќе може да се појави на снимањето.
Иако била болна и видливо исцрпена, Кидман сепак дошла на сетот и ги завршила потребните кадри. Оферман ја опишал како бледа и потресена, но истакнал дека не дозволила снимањето да пропадне и дека работела до крајот на сцената. По завршувањето на снимањето, актерката била пренесена во болница, каде примила инфузија.
Случајот брзо предизвика внимание бидејќи првичните наслови звучеа како да станува збор за опасен инцидент во рингот. Сепак, информациите од американските медиуми укажуваат дека причината за хоспитализацијата била комбинација од грип, исцрпеност и физички напорна сцена, а не каскадерска грешка или директна повреда за време на боречката кореографија.
Margo’s Got Money Troubles е серија на Apple TV+, создадена од Дејвид Е. Кели и базирана на романот на Руфи Торп. Во главната улога е Ел Фенинг, а покрај Кидман и Оферман, во актерската екипа се и Мишел Фајфер, Грег Кинир и Марша Геј Харден. Кидман во проектот не е само актерка, туку и извршна продуцентка.