Нова книга за Милчо Манчевски промовирана во Италија: фикцијата, вистината и филмот во еден капитален опус

На Универзитетот во Павија, Италија, беше промовирана новата книга посветена на режисерот Милчо Манчевски, со наслов „Manchevski: Fiction and Non-Fiction“. Изданието е објавено од римската издавачка куќа „Cue Press“, во едиција во која се застапени томови од и за значајни имиња како Самјуел Бекет, Федерико Фелини и Марко Ферери.

Уредник на изданието е младиот италијански писател и публицист Лудовико Кантисани, а воведниот текст го напиша Алберто Барбера, долгогодишен и легендарен директор на Венецискиот филмски фестивал.

Книгата „Manchevski: Fiction and Non-Fiction“ претставува обемен водич низ филмското и уметничкото творештво на еден од најреномираните македонски автори. Во неа се вклучени поезија и проза од Манчевски, негови теоретски размислувања за природата на уметничкиот процес, серија длабински италијански интервјуа, како и сѐопфатна уметничка биографија и анализа на неговиот опус.

Посебен акцент во изданието е ставен на односот меѓу фикцијата и документарниот израз, тема што е една од централните линии во творештвото и истражувањето на Манчевски. Книгата не се задржува само на неговите филмови, туку отвора и поширок разговор за границите меѓу вистината, раскажувањето, уметничката интерпретација и филмскиот јазик.

На промоцијата во Павија се обрати и самиот Манчевски, кој одговараше на прашања од публиката, од гости на Меѓународниот филмски фестивал во Павија, од филмски работници и од деканот на колеџот.

Приредувачот Лудовико Кантисани оцени дека книгата нуди длабинско истражување на креативното и интелектуалното патување на Манчевски, кого го опишува како еден од најголемите европски филмски автори.

„Манчевски припаѓа на онаа мала група режисери кои, покрај тоа што ги пишуваат сопствените филмови, умеат да формулираат оригинална и убедлива теорија за филмот, ставајќи го во центарот на своето истражување амбивалентниот однос меѓу вистината и фикцијата“, вели Кантисани.

Според него, интервјуата и биографските материјали во книгата реконструираат извонредна кариера обележана со предизвици и иновации, покажувајќи како Манчевски доследно ги преточувал своите теоретски принципи во филмска практика.

Кантисани посочува и дека изданието нуди увид во експерименталните и лирски темели на раскажувањето на Манчевски, со што книгата го проширува својот опсег надвор од самиот филм и станува поширока рефлексија за наратологијата и за јазичните предизвици на уметничкото изразување.

Промоцијата се одржа во Гранде Аулата на Колеџот Каироли при Универзитетот во Павија, институција што постои од 1781 година и е позната како „Универзитетски колеџ на заслуги“. Просторот, кој важи за еден од центрите на академскиот и културниот живот во градот, беше избран како сцена за претставување на ова капитално издание.

По промоцијата во Павија, книгата за Манчевски ќе биде претставена и во Рим и Пезаро.

Најчитано