Нови пожари избувнаа во Грција во последните часови, додека високите температури, сушата и силниот ветер повторно ја зголемуваат опасноста од брзо ширење на огнот во повеќе делови од земјата.
Грчката противпожарна служба предупредува на многу висок ризик во Атика, Пелопонез, на Егејските острови и на Халкидики. Температурите и денеска достигнуваат околу 40 степени, а во шумските подрачја се засилени полициските и воените патроли.
Властите ги предупредија и туристите да бидат особено внимателни и во случај на пожар веднаш да ги следат инструкциите на полицијата и противпожарните служби.
Од годинава Грција користи и сателитски систем за откривање нови жаришта, кој во реално време испраќа информации до службите за побрза интервенција.
Новите пожари доаѓаат само неколку дена откако големите огнени фронтови северозападно од Атина почнаа да слабнат. Во пожарите кај Псата и Порто Гермено беа уништени домови, земјоделско земјиште и борови шуми, а при гаснењето загинаа двајца членови на екипаж на противпожарен хеликоптер. И по смирувањето на фронтовите, стотици пожарникари останаа на терен поради опасност од повторно разгорување.
Грција во текот на ова лето повеќепати беше ставана во состојба на висока противпожарна готовност поради комбинацијата од суша, високи температури и силни ветрови, кои значително го отежнуваат гаснењето од воздух и овозможуваат огнот брзо да зафати нови подрачја.
