Ножеви, тепачки и булинг во училиштата: СДСМ бара одговорност од Јаневска

СДСМ побара одговорност од министерката за образование и наука Весна Јаневска и смена на директорите на училиштата кои, како што обвини партијата, криеле, игнорирале или не реагирале навреме на случаи на насилство, булинг, закани и инциденти со ладно оружје во училиштата и ученичките домови.

Претседателот на Комисијата за образование и наука на СДСМ, Јованче Манасков, оцени дека секојдневните сведоштва за физички пресметки, закани и насилство меѓу ученици покажуваат дека системот за превенција потфрла, а Министерството за образование и наука не презема доволно мерки. Според СДСМ, наставниците и стручните служби остануваат сами да се справуваат со последиците од насилството, додека институционалниот одговор доаѓа предоцна или останува само на хартија.

Од партијата бараат вонреден инспекциски надзор во училиштата и ученичките домови, ревизија на безбедносните протоколи и редовно објавување јавни податоци за булингот, насилството и преземените мерки. СДСМ предлага и унифициран протокол за постапување при насилство, закани и внесување оружје во основните и средните училишта, како и законска обврска институциите да реагираат во рок од 24 часа по секоја пријава.

Во пакетот мерки што го предлага опозицијата се и вработување психолози и педагози во училиштата каде што недостига стручен кадар, формирање тимови за брза реакција, национална анти-булинг програма, дигитална платформа и анонимна линија за пријавување насилство. СДСМ бара и засилена соработка меѓу училиштата, МВР и центрите за социјална работа, со цел институциите да реагираат превентивно, а не дури откако инцидентите ќе завршат во полициски билтени.

Темата за врсничко насилство повторно се отвори по низа случаи што ја вознемирија јавноста, од групни тепачки до закани со нож и снимање насилство за социјални мрежи. Ваквите инциденти веќе не можат да се третираат како изолирани училишни проблеми, бидејќи покажуваат слабост во превенцијата, во пријавувањето и во довербата на учениците дека системот ќе ги заштити навреме.

Министерството за образование и наука, пак, во април соопшти дека училиштата имаат јасни насоки за постапување при случаи на насилство и дека се зајакнува улогата на психолозите, педагозите и стручните служби. Од МОН тогаш наведоа дека фокусот се поместува од реактивен пристап кон превенција, но признаа дека предизвици сè уште има, особено во унифицираната примена на протоколите и во недостигот на човечки ресурси во училиштата.

Токму тие две слабости, протоколите што не се применуваат еднакво и недостигот на стручни служби, се централни во критиките на СДСМ. Ако училиштата формално имаат насоки, но учениците и родителите повторно сведочат за насилство, закани и страв, тогаш проблемот не е само во постоењето на документи, туку во нивната реална примена.

Во февруари, министерката Јаневска соопшти дека во Министерството биле пријавени 34 случаи на врсничко насилство во тековната година, но ниеден случај на онлајн-насилство, иако ученици активисти посочија дека сајбер-булинг постои. Од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје тогаш предупредија дека официјални пријави за онлајн-насилство речиси и да нема, иако постојат механизми за пријавување, меѓу кои и „црвеното копче“ на МВР.

Податоците од граѓанските организации дополнително покажуваат дека насилството во училиштата не е локален или инцидентен проблем. „Меѓаши“ посочува дека насилството, физичко, психичко, вербално и дигитално, е присутно во речиси сите училишта, а превенцијата и реакциите често доаѓаат предоцна. На конференција посветена на ова прашање беше соопштено дека преку механизмот за пријавување врсничко насилство во тековната учебна година биле примени 41 пријава.

УНИЦЕФ предупредува дека училиштата мора да имаат доследни и применливи политики против булинг и сите форми на насилство, обучен кадар за препознавање предупредувачки знаци, безбедни канали за пријавување и култура што поттикнува емпатија и инклузија, а не понижување и насилство. Организацијата нагласува дека кога дете ќе пријави насилство, системот мора да реагира брзо, доверливо и без дополнително трауматизирање на жртвата.

Најчитано