Единствената сочувана мозаична икона во Македонија, „Исус Христос на престол“ од XIV век, од денеска е дел од постојаната поставка на Галеријата на икони во Охрид. Делото припаѓа на исклучително ретката група преносни византиски мозаични икони, од кои во светот се проценува дека се зачувани само околу триесет.
Иконата била откриена во 60-тите години на минатиот век во јужната апсида на црквата „Света Богородица Перивлепта“, а нејзиното трајно изложување е дел од одбележувањето 75 години организирана музејска дејност во Охрид.
За разлика од класичните живописани икони, ова дело е создадено од ситни обоени камчиња и стаклени коцки, таканаречени тесери. Дел од нив се златни и се поставени под различни агли, поради што површината ја прекршува светлината и создава различен визуелен ефект во зависност од позицијата на набљудувачот.
„Нивната изработка барала исклучителна прецизност, големо техничко знаење и употреба на скапи материјали“, објасни кустосот и историчар Катерина Велкоска од Завод и музеј Охрид, посочувајќи дека ваквите икони биле создадени во многу ограничен број и најчесто биле поврзани со високите слоеви на византиското општество и со големите црковни центри.
Иконата потекнува од периодот на таканаречената Палеологовска ренесанса, кога византиската уметност бележи нов процут, со поголема експресивност, богата употреба на бои и нагласена духовна длабочина. Во истиот период Охрид бил еден од значајните духовни и културни центри на православниот свет, со силни врски со Цариград и Солун.
Реткоста на охридскиот примерок се гледа и преку останатите зачувани мозаични икони од овој тип. Слични дела денес се чуваат во Лувр во Париз, Метрополитен музејот во Њујорк, Боде музејот во Берлин и Византискиот и христијански музеј во Атина.
„Фактот дека мозаичната икона ‘Исус Христос на престол’ е единствената сочувана мозаична икона во Македонија ја определува како предмет од особена национална и културно-историска вредност“, посочи Велкоска.
Самата охридска збирка веќе се вбројува меѓу најзначајните светски колекции на византиски икони, заедно со збирките од манастирот „Св. Катерина“ на Синај, Света Гора и руските колекции. Во постојаната поставка досега се изложени 37 од најзначајните примероци, со дела од XI до XIX век.
Со поставувањето на „Исус Христос на престол“, посетителите во Охрид првпат ќе можат трајно да го видат делото кое досега се чувало во музејското депо.
