– Високиот комесаријат за човекови права на ОН денеска изјави дека е „многу загрижен поради големиот број“ убиени палестински новинари во Појасот Газа, по убиството на двајца репортери во неделата.
„Убиството на сите новинари, вклучително и Хамза Ваел Дахдух и Мустафа Тураја во напад кој и се припишува на израелската војска, мора да биде темелно и независно истражено за да се обезбеди строго придржување кон меѓународното право, а прекршувањата мора да бидат кривично гонети“, соопшти канцеларијата на Високиот комесаријат на платформата X.
Најмалку 79 новинари и медиумски работници, мнозинство од нив Палестинци, се убиени од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, според Комитетот за заштита на новинарите (ЦПЈ).
Телевизијата Ал Џезира во неделата објави дека двајца нејзини палестински новинари биле убиени во израелски напад врз нивно возило во Појасот Газа, обвинувајќи ја израелската војска за таргетирање на палестинските новинари.
Комитетот за заштита на новинарите соопшти дека „новинарите во Газа се соочуваат со особено високи ризици додека се обидуваат да го покриваат конфликтот за време на израелската копнена офанзива, вклучувајќи разорни воздушни напади, прекин на комуникацијата, недостиг на снабдување и продолжени прекини на електрична енергија“.
Како што е наведено, Комитетот ги истражува сите извештаи за убиствата на новинари и медиумски работници, како и за ранетите и исчезнатите во војната.