На седницата за пратенички прашања, пратеникот и лидер на СДСМ истакна дека Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ биле силни противници па дури и блокирале закони поврзани со коридорите 8 и 10д, а денес како владејачка партија се фалат со истиот тој Договор кој до вчера го критикувале.
Филипче потсети на неколку изјави на Мицкоски во времето кога тој беше лидер на опозицијата.
„Еве неколку од тие ваши изјави кога бевте во опозиција:
„Мицкоски: Договорот меѓу Владата и Бехтел и Енка отвори многу дилеми за историски криминал“ 22 април 2023 година.
„Мицкоски: Криминалот со Бехтел и Енка ќе го кријат со Закон за деловна тајна“ 31 октовмри 2023 година.
„Да дебатираме за историскиот договор или да бидам попрецизен за историска пљачка“, 4 мај 2023 година.
Откако седнавте во премиерската фотелја господине Мицкоски договорот со Бехтел и Енка од историски криминал и историска пљачка ви стана историски успех, добар за државата и граѓаните. Почнавте да се фалите со истиот проект на СДСМ. Смешно изгледате кога се сликате на истите локации каде претставниците на претходната Влада веќе направија промоција. Смешни сте кога туѓиот успех го прикажувате како свој. Смешни сте што и секоја инвестиција која ја најавивате и секоја фрлена лопата откако сте премиер е резултат на работата на СДСМ и претходната Влада. А вие гордо и без тронка срам се китите со туѓи перја. Тоа говори пред се за вас како човек“ рече Филипче.
Филипче, на крајот од обраќаето го праша премиерот кога целиот договор ќе биде декласифициран и на увид на јавноста, како што тоа Мицкоски го најавувал во предизборниот период.