Падна владата на Латвија по кризата со украинските дронови

Латвиската премиерка Евика Силиња поднесе оставка по распадот на владејачката коалиција, што следуваше по политичката криза предизвикана од инцидентите со украински дронови кои влегоа на територијата на Латвија.

Кризата почна откако два дрона, за кои латвиските власти сметаат дека биле насочени кон цели во Русија, навлегле во латвискиот воздушен простор и паднале во источниот дел на земјата. Едниот погодил складиште за нафта, по што следуваа критики за реакцијата на безбедносните служби и за доцнењето на предупредувањата до населението.

По инцидентот, Силиња побара оставка од министерот за одбрана Андрис Спрудс, оценувајќи дека системот не успеал навреме да реагира. Одлуката предизвика судир во коалицијата, а партијата „Прогресивни“, од која доаѓа Спрудс, ја повлече поддршката за владата. Со тоа, кабинетот остана без парламентарно мнозинство.

Претседателот Едгарс Ринкевичс најави консултации со парламентарните партии за формирање нова влада. До изборот на нов кабинет, актуелната влада ќе функционира во технички мандат.

Латвија, која е членка на НАТО и граничи со Русија и Белорусија, во последните месеци бара засилување на воздушната и противдронската одбрана во балтичкиот регион. Инцидентите со дронови дополнително ги зголемија безбедносните тензии во земјата.

Најчитано