Општина Центар и ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ го бранат новиот модел за паркирање како обид да се воведе ред во една од најоптоварените скопски општини, каде бројот на издадени дозволи е повеќекратно поголем од реалниот број паркинг-места.
Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, изјави дека првото возило за жителите останува бесплатно, но дека второто и третото возило создаваат дополнителен притисок врз системот. Тој оцени дека не е одржливо на една станбена единица да има три или четири автомобили, а потоа да се очекува секој жител да има слободно место пред домот.
Според податоците што ги изнесе Герасимовски, во Центар има речиси 15.800 издадени одобренија, односно налепници, а околу 6.100 паркинг-места. Тој посочи дека новиот правилник е изработен по анализа што траела година и половина и по средби со граѓани, со цел да се спречат злоупотреби, фиктивни адреси и користење повластувања од лица кои реално не живеат во општината.
Новите правила, според општината и претпријатието, треба да им дадат приоритет на жителите кои имаат едно возило и реална потреба да паркираат во близина на местото на живеење. Од ЈП ПОЦ најавуваат дека приходите од наплатата ќе се користат за одржување, обележување, осветлување, контрола и модернизација на паркинг-просторот.
