Амбасадата на Грција во Скопје и Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ денес организираа дискусија посветена на „Погребното слово на Перикле“ од Тукидид, еден од најзначајните политички говори во историјата, кој повеќе од два и пол милениуми останува референтна точка во размислувањата за демократијата, правото и граѓанската одговорност.
Во фокусот на дискусијата беше прашањето зошто Перикле е релевантен денес, во време кога демократските општества повторно се соочуваат со предизвици поврзани со владеењето на правото, еднаквоста пред законот, довербата во институциите и учеството на граѓаните во јавниот живот.

На настанот учествуваа преведувачката на книгата и научен советник во Институтот за старословенска култура при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, д-р Марија Чичева-Алексиќ, професорот по јавно право на Националниот и Каподистриски универзитет во Атина, д-р Спиридон Влахопулос, професорката по меѓународни односи, д-р Јулија Брсакоска Базеркоска, и професорот по политички науки, д-р Ненад Марковиќ. Дискусијата беше модерирана продеканот на Правниот факултет, д-р Драган Гоцевски.
Воведни обраќања имаа и амбасадорката на Грција во Северна Македонија, Софија Филипиду, и деканот на Правниот факултет, д-р Сашо Георгиевски.

Дебатерите посочија дека „Погребното слово на Перикле“ не е само историски текст, туку политичка лекција за односот меѓу граѓанинот и заедницата.
Во него се отвораат теми што и денес се во сржта на демократските општества: слободата, јавната должност, еднаквоста, институциите и одговорноста кон општото добро, истакна амбасадорката Филипиду.
Дискусијата се обиде да покаже како еден антички говор, изговорен во контекст на војна и загуба, продолжува да биде важен за современото разбирање на демократијата.

Во време на политички поделби, слабеење на довербата во институциите и нови предизвици за либералниот поредок, Перикле повторно се чита како потсетување дека демократијата не е само форма на владеење, туку секојдневна граѓанска практика.
