Петровска до Тошковски:  Дали со прекинување на акцијата за поткуп од 50.000 евра го штитите министерот за земјоделие?

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска на седницата за пратенички прашања упати прашање до министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, а се однесуваше на сомнежи за селективно постапување и евентуално прикривање на детали во полициска акција за поткуп, во која беше уапсен директорот на Државниот инспекторат за земјоделие. Таа посочи на нецелосни информации од институциите и индиции дека локацијата на апсењето е поврзана со министерот за земјоделие. Петровска праша дали акцијата била прекината предвреме со цел да се избегне одговорност на повисоко ниво.

„Министре Тошковски, на 19 март оваа година Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност, така пишуваше во соопштението, спроведоа акција за поткуп со збивање на такво дејствие и го уапсија директорот на Државниот инспекторат за земјоделие.

Имаше едно скромно соопштение, јас повеќе би рекла срамежливо, немаше многу детали, освен дека е уапсен заради примање поткуп во висина од 50.000 евра. Потоа не чувме ништо дополнително, никакви објаснувања и така натаму. Но една фотографија која беше објавена, а е од чинот на апсење, тоа е оваа фотографија овде, беше објавена на порталите, на медиумите, всушност ја откри вистината која Министерството за внатрешни работи сакало да ја скрие.

Ако внимателно се погледне оваа фотографија, која намерно или ненамерно е направена поприлично тесно, односно заднината да не се гледа многу, меѓутоа некој што знае шепнал, ја шепнал локацијата каде таа фотографија е направена. Па од поширок агол се гледа многу поубаво. Што е заедничко за овие две фотографии? Првата од апсењето, долу овде, речиси покрај возилото има едни ознаки. На истата оваа фотографија ги има истите тие ознаки што потврдуваат дека е истата локација.

Локацијата каде е уапсен директорот никогаш не беше кажана во јавноста. Дали намерно или ненамерно, таа е локацијата во подземни простории, гаражи, кои водат до домот на министерот за земјоделие. Каква случајност. Доказ за тоа е овој имотен лист кој потврдува дека на оваа локација, на улица Матеја Матевски во Скопје, на истата адреса стан има и министерот за земјоделие. И оттука моето јасно прашање до вас е: дали вие или некој друг свесно и намерно во Министерството за внатрешни работи ја прекина операцијата, односно го уапси директорот пред тој да ги достави парите токму до министерот за земјоделие?“ праша Петровска.

Зачлени се на нашиот е-билтен