Почнува претседателската трка во Бугарија – 27 двојки во битка за функцијата шеф на државата

ВИ генерирана фотографија

Во Бугарија денеска, 25 септември, официјално почнува кампањата за претседателските избори, закажани за 25 октомври. Централната изборна комисија регистрира 27 кандидатски двојки за претседател и потпретседател, што ја прави трката една од најбројните во поновата бугарска изборна историја.

Кампањата почна на полноќ и ќе трае до 24 часот на 23 октомври. Денот пред изборите е ден на изборен молк. Доколку ниту еден кандидат не ги исполни условите за избор во првиот круг, ќе следува втор круг, а кампањата за него ќе заврши на 30 октомври.

Меѓу кандидатите е и актуелната претседателка Илијана Јотова, која ја презеде функцијата откако Румен Радев поднесе оставка за да учествува на парламентарните избори. Нејзин кандидат за потпретседател е Кирил В’лчев, а двојката е формално предложена од иницијативен комитет и ја има поддршката од „Прогресивна Бугарија“. На гласачкото ливче тие се под број 25.

ГЕРБ не предложи сопствен кандидат за претседател. ПП-ДБ го поддржува Андреј Ѓуров, поранешен премиер во последната службена влада, чиј кандидат за потпретседател е поранешниот главен секретар на Министерството за внатрешни работи Георги Кандев. Тие ќе настапат под број 4.

Во претседателската трка влегува и лидерот на „Преродба“, Костадин Костадинов. Негов кандидат за потпретседател е европратеникот Петар Волгин.

Првично документи за учество поднеле 28 кандидатски двојки. Меѓутоа, регистрацијата на Јавор Генов и Максим Велков била избришана откако проверката покажала дека нивниот иницијативен комитет не го исполнува условот за најмалку 2.500 поддржувачи. Така, конечниот број кандидати што ја почнуваат кампањата е 27.

Централната изборна комисија на 23 септември со јавно извлекување го утврди и редоследот на кандидатите на гласачкото ливче, како и нивното претставување во различните форми на предизборна кампања на Бугарската национална телевизија и Бугарското национално радио.

Според правилата на ЦИК, изборната кампања се води на бугарски јазик, а партиите, коалициите, иницијативните комитети и кандидатите имаат право на изборна агитација на собири, во медиумите и во други форми предвидени со Изборниот законик.

Бугарските гласачи ќе избираат претседател и потпретседател на 25 октомври.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?