Четворица турски државјани завршија во притвор по напад врз 20-годишен доставувач во скопски Центар, откако полицијата ги лишила од слобода под сомнение дека по сообраќајна расправија со автомобил удриле во неговиот мотор, а потоа и физички го нападнале.
Според објавените информации од МВР, лицата О.А. (21), А.Ф.Е. (21), Т.А.Б. (22) и А.И.О. (24), сите државјани на Турција, биле приведени на 25 мај во 1:30 часот во Скопје. Инцидентот претходно бил пријавен на 24 мај околу 19:55 часот на подрачјето на Центар.
Според пријавата, по претходна расправија во сообраќајот, осомничените со возило „ауди“ удриле во моторот што го управувал Ф.М. (20) од Скопје, кој во тој момент извршувал работни задачи како доставувач. По ударот, според полициските информации, тие физички го нападнале младиот скопјанец.
Од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, е поднесена кривична пријава, а судија на претходна постапка им одредил мерка притвор.
