Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Промоција на книгите на Сашо Кокаланов и Пламен Тотев во Куманово и Скопје

Двајца автори, две промоции и благородна мисија за градење културни мостови меѓу народите

Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, заедно со Факултетот за драмски уметности во Скопје и НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ги промовира книгите „Среќните луѓе не слават родендени“ од македонскиот автор Сашо Кокаланов и „Животот на литературната класика“ од бугарскиот автор Пламен Тотев.

Во четвртокот (11 јануари) во Малата сала на Центарот за култура во Куманово, литературните дела беа претставени од Сашко Насев, Петар Андоновски, Стојан Синадинов и Нове Цветановски. Петокот (12 јануари), пак, Бифето на ФДУ беше исполнето со почитувачите на литературата на Кокаланов и Тотев.

Промоција на ФДУ

Новиот роман на Кокаланов, во издание на „Или-Или“ од Скопје, е семејна драма за едно сиромашно семејство од Дримкол, Струшко, инспирирана од вистинска приказна. Романот е краток, згуснат книжевен запис кој на очигледен и нескриен начин кокетира со еден сосема поинаков јазик од книжевниот – филмскиот.

Пламен Тотев е бугарски книжевен истражувач, критичар и издавач, добитник на македонските литературни награди „Рациново признание“ (2023) и „Македонски книжевен Дедал“ (2019), како и на награди за литературна критика во Бугарија. Изминативе осум години Тотев беше вистински амбасадорт на современата македонска книжевност на бугарската културна сцена, објавувајќи седумдесеттина дела од околу четириесеттина автори.

„Македоника литера“ е издавач на неговата книга на македонски јазик, „Животот на литературната класика“. Неговото дело се фокусира на историскиот развој на античката и европската литература, давајќи упатства кој е кој и каде е во книжевно-историскиот процес, кои се моделите во развојот на големата светска литература, кои се закономерностите во развојот на големите светски литератури низ вековите, кои се најважните особености на класичните епохи и правци од древноста до денес.

Промоција во Куманово

Проф. д-р Сашко Насев, директор на КИЦ во Софија, во неговите инспиративни воведи на двете книжевни вечери потсети на еден од најголемите писатели на српски јазик во втората половина на 20. век, Данило Киш, и неговата идеја од крајот на 80-те години – книжевноста на јазиците на Балканот да се обедини по примерот на латиноамериканската литература. Посочувајќи ја јавната дипломатија како (нај)посакуван модел, Насев посочи дека иднината треба да ги сруши сите ѕидови на Балканот, градејќи мостови кои ги поврзуваат литературите, уметноста и културите на народите.

Писателот Петар Андоновски потенцираше дека Тотев за помалку од една деценија издал повеќе дела на македонски автори на бугарски јазик од сите други издавачи по Втората светска војна! Цветановски, пак, потсети на иницијалната идеја, кога Тотев ги превел и издал романите на шест млади македонски писатели на бугарски јазик.

Фото: Драгана Басекиќ

Стојан Синадинов го посочи иновативниот пристап на Кокаланов – неговата „матична куќа“ е ФДУ, каде што е професор по филсмо и ТВ сценарио – во неговиот шести роман, „Среќните луѓе не слават родендени“, во кој ги преплетува филмскиот и книжевниот медиум во оригинално четиво, налик на филм во еден кадар, или, пак, романескно четиво во еден здив.

Бројната публика на двете книжевни вечери имаа прилика да уживаат во делата на два уникатни автори кои исцртуваат нови жанровски хоризонти во македонската и бугарската современа литература.

Зачлени се на нашиот е-билтен