Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Промоцијата на книгите „Цариградски емигрант“ и „Граница“ од Луан Старова во КИЦ Софија

На 7-ми септември 2023, по повод Денот на независноста – 8-ми септември, во Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија во 18.30 ч. ќе се одржи промоцијата на книгите „Цариградски емигрант“ и „Граница“ од Луан Старова.

На промоцијата на романите од големиот македонски писател со албанско потекло ќе присуствуваат издавачот Пламен Тотев, преведувачот Маријан Петров, директорот на КИЦ на РСМ во Софија Сашко Насев, како и семејството на писателот. Двете книги, во превод на бугарски јазик, излегоа од печат оваа година како изданија на издавачките куќи „Персеј“ и „Изида“.

Преку личниот расказ за едно семејство, Старова (1941-2022) во својот роман „Цариградски емигрант“ ја раскажува приказната за Балканот, регион каде интересите на големите империи и цивилизации се судираат едни со други на грбот на народи со различни судбини. Така, книгата на уникатен начин ја прикажува универзалната тема за емиграцијата со расказ за едно од многуте семејства што го доживеале тоа.

„Цариградски емигрант“ е еден од последните романи во издание на Персеј, во превод на Маријан Петров. Припаѓа кон неговата повеќетомна „Балканска сага“, дел од книгите во кои се познати и бугарските читатели: („Балканвавилонци“, „Балкански клуч“, „Ервехе“, „ Амбасади“). Книгите од оваа сага се преведени на повеќе од дваесет јазици. За творештвото на Старова пишувале светски автори како Морис Друон, Ален Боске итн.

Преку приказната за егзилот на едно албанско семејство, серијата ја раскажува приказната за Балканот во еден од најтрагичните и највпечатливите периоди – ХХ век.

Во „Цариградски емигрант “ главен лик е Таткото (Ариф Старова), кој со години го чувал во тајност периодот кога студирал во Цариград помеѓу 1919 и 1924 година, времето на конечниот распад на Отоманската империја и периодот на создавање на нова Турција под водство на Ататурк. Потрагата по детали за тајниот период во животот на главниот лик е катализатор за истражувањето на синот-наратор, за да создаде возбудлив роман, заснован на вистински факти.

„Граница“ (во издание на „Изида“, во превод на Маријан Петров) е интимен поглед кон балканската трагедија да преминуваш граници, да бегаш од својот дом и да се обидуваш да пуштиш корени во туѓа земја…

Границата е релативно нова идеја на Балканот, кој претходно бил обединет под власта на Отоманската империја за долг период од пет века. Оваа книга е за балканските граници, за нивното заплеткување во судбините на луѓето.

Истакнатиот македонски писател Луан Старова раскажува за судбината на неговото семејство и трауматичното искуство од егзилот и преминувањето на границата. Со уметничките средства на романот, авторот го дијагностицира бегалскиот синдром како доживотен и хроничен: „Еднаш бегалец, секогаш бегалец“, „Од егзил нема враќање“…

Балканот е означен како регион трауматизиран од постојани закани за раселување, принудно преселување, надворешно наметната мобилност, поради што единствена симболично зачувана врска со напуштените огништа се само малите и лесно преносливи предмети, како клучеви или фотографии. „Границата“ е роман што предизвикува човечко разбирање и топло сочувство кон Другиот.

Зачлени се на нашиот е-билтен