Најмалку две лица загинаа, а неколкумина други се повредени во вооружен напад што се случил на плоштад во францускиот град Ница, по што полицијата и специјалните единици го блокираа поширокото подрачје и започнаа голема истрага за нападот.
Според првичните информации од француските власти и локалните медиуми, нападот се случил во квартот Мулен, каде било отворено автоматско оружје кон повеќе лица. На местото веднаш пристигнале голем број полициски и медицински екипи, додека дел од повредените биле пренесени во болница во тешка состојба.
Градоначалникот на Ница, Кристијан Естрози, изјавил дека станува збор за инцидент поврзан со нарко-криминал и пресметки меѓу криминални групи, додавајќи дека ситуацијата на теренот била „хаотична и тензична“ веднаш по нападот.
Француското обвинителство отвори истрага за организирано убиство и обид за организирано убиство, а полицијата трага по напаѓачите и евентуалните соучесници.
По нападот, француските власти најавија дополнителни безбедносни мерки и засилено полициско присуство во проблематичните квартови во Ница, град кој во изминатите години повеќепати беше во фокусот на безбедносни инциденти и насилство.
Истрагата продолжува, а властите засега не соопштуваат детали за идентитетот на жртвите и напаѓачите.