Роман ќе го мапира космосот, новиот телескоп на NASA ќе прави атлас на универзумот

NASA ја претстави завршената вселенска опсерваторија Nancy Grace Roman, нов телескоп што треба да го отвори следното големо поглавје во набљудувањето на вселената. „Roman“ не е само уште еден наследник на Хабл, туку мисија замислена да скенира огромни делови од небото, да создаде досега невидено широки карти на космосот и да бара одговори за темната материја, темната енергија и планетите надвор од Сончевиот систем.

Најважната новост е дека телескопот е подготвен за лансирање и дека NASA сега цела кон што поран септември 2026 година, што е пред претходниот рок мисијата да биде подготвена најдоцна до мај 2027. Пред оваа фаза, опсерваторијата поминала низа тешки тестови, меѓу кои симулации на бучава и вибрации при полетување, како и проверки во термовакуумска комора што ги имитира условите во вселената.

Она што го прави „Roman“ посебен е неговата широчина на поглед. NASA наведува дека телескопот ќе има видно поле најмалку 100 пати поголемо од она на Хабл, со потенцијал во текот на мисијата да ја измери светлината од околу милијарда галаксии. Тоа значи дека наместо да гледа длабоко, но тесно, како некои други телескопи, „Roman“ ќе прави големи и прецизни небесни мапи, нешто што научниците веќе го опишуваат како нов атлас на универзумот.

Во срцето на мисијата се две клучни алатки. Првата е Wide-Field Instrument, 300-мегапикселски инструмент за видлива и инфрацрвена светлина, кој ќе ѝ овозможи на NASA брзо да снима огромни подрачја од небото. Втората е коронографот, инструмент што блокира ѕвездена светлина за да може подиректно да се набљудуваат егзопланети и дискови околу други ѕвезди. Токму таа комбинација го прави „Roman“ истовремено и телескоп за космологија и машина за лов на нови светови.

NASA очекува дека во петгодишната примарна мисија „Roman“ ќе собере архива од околу 20.000 терабајти податоци. Од тие набљудувања научниците треба да добијат материјал за проучување на 100.000 егзопланети, стотици милиони галаксии, милијарди ѕвезди и ретки појави што дел од астрономите досега воопшто не ги виделе. Со други зборови, „Roman“ не ветува само нови фотографии од вселената, туку цел нов слој податоци што може да ја смени сликата за тоа како се шири универзумот и што навистина го држи на куп.

Телескопот го носи името на Ненси Грејс Роман, првата главна астрономка на NASA, често нарекувана и „мајка на Хабл“. И токму тука е симболиката на новата мисија: ако Хабл го смени начинот на кој човештвото ја гледа вселената, „Roman“ треба да го смени начинот на кој ја мапира. Наместо едно по едно небесно чудо, сега целта е големата слика.

Зачлени се на нашиот е-билтен