Руси-Поповска, европски дипломат во македонско-бугарските односи

Агнеза Руси-Поповска, чиј дипломатски мандат во Софија заврши, ја напушта оваа позиција по период што се совпадна со еден од најчувствителните моменти во односите меѓу Македонија и Бугарија.

Нејзиниот ангажман во Софија дојде во време на нарушена доверба, отворени политички прашања, силна јавна реторика и блокирани европски процеси. Во таков контекст, дипломатската работа не се сведуваше само на протокол, туку и на секојдневно одржување канали за комуникација, смирување тензии и претставување на македонските позиции во средина во која билатералните односи често беа под силен политички притисок.

Руси-Поповска е дипломатка со долга кариера во Министерството за надворешни работи, започната во 1996 година. Во најголем дел од професионалниот пат работела на европското досие – од Директоратот за ЕУ во МНР, преку македонската мисија во Брисел, до позицијата амбасадорка и шефица на Мисијата на Македонија при Европската Унија.

Меѓу најзначајните ангажмани во нејзината кариера е учеството во процесот за визната либерализација со Европската Унија. Таа била дел од преговарачкото јадро во периодот кога Македонија ги исполнуваше условите за укинување на визите, процес што заврши со една од највидливите придобивки за граѓаните – слободно патување во шенген-зоната од декември 2009 година.

Во претходните години била вклучена и во преговорите за визно олеснување со ЕУ, во следењето на примената на договорите, како и во европските реформи поврзани со правдата, безбедноста, граничното управување и институционалното приближување кон Унијата.

Како директорка за ЕУ во МНР, а подоцна и како шефица на Мисијата при ЕУ во Брисел, Руси-Поповска работела на едно од најважните стратешки досиеја на државата – европската интеграција. Во нејзината биографија се вбројуваат и ангажмани поврзани со Поглавјето 31, односно заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија.

Најчитано