Руси-Поповска: Нема алтернатива на градењето пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија

„И покрај сите предизвици, европската интеграција нема алтернатива за Северна Македонија, како што нема алтернатива ни на градењето пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија“, изјави македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси Поповска во интервју за бугарската ТВ Нова.

Таа додаде дека во македонското општество има широк консензус за членството во ЕУ, како политички, така и меѓуетнички и тоа е така од независноста до денес.

„Северна Македонија е најстариот кандидат за членство во ЕУ од земјите од Западниот Балкан. Ние сме кандидатка од 2005 година, тоа се 18 години. Овие денови завршуваме со скрининг процесот и тоа ни овозможува длабинско проучување на целата земја и проценка на степенот на усогласеност со стандардите на Европската Унија“, рече Руси-Поповска.

Амбасадорката рече дека Северна Македонија, дури кога се споредува и со земјите од регионот кои одамна преговараат со ЕУ, не заостанува во однос на почитување и усогласеност со законодавството на ЕУ.

„Во моментов финализираме три многу важни патокази – за владеење на правото, за реформи во јавната администрација и за функционирање на демократските институции и секако се усогласуваме, го подготвуваме акцискиот план за малцинствата и во пракса се подготвуваме за отворањето на првиот кластер од преговарачкиот процес штом ги направиме уставните измени“, истакна Агнеса Руси-Поповска.

Македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси Поповска во интервју за бугарската ТВ Нова нагласи дека потенцијалот за мултисекторска соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија е огромен со трговска размена од над една милијарда евра.

„Би рекла дека потенцијалот за подинамична мултисекторска соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија е навистина огромен. Минатата година имавме историски високо ниво на трговска размена од над една милијарда евра. Прогнозите за оваа година се дека ќе успееме да го постигнеме истото ниво, а можеби и малку да го надминеме нивото на трговска размена што го постигнавме минатата година“, посочи амбасадорката Агнеса Руси.

Таа додаде дека има континуирани позитивни резултати и во прекуграничната соработка.

„Коридорот 8 е стратешки проект меѓу нашите две земји, чија вредност во последно време се зголемува. Во Северна Македонија работиме на железничко поврзување и нашите очекувања се до крајот на 2027 година да имаме железничко поврзување до границата со Бугарија“, рече Руси-Поповска.

Амбасадорката додаде дека и културната соработка е динамична, за што придонесуваат културно-информативните центри во Софија и Скопје, но има потенцијал и интерес за уште поголема соработка.

„Длабоко верувам дека можеме да бидеме најблиски земји и убедена сум дека со градење атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување, со мудрост и такт, навистина можеме да отвориме нова парадигма во македонско-бугарските односи“, потенцираше македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси Поповска во интервју за бугарската ТВ Нова.

Треба да знаете
Moже да ве интересира