СДСМ: Македонија се оддалечува од ЕУ, Владата наместо резултати нуди политички спинови

Филипче

СДСМ ја обвини Владата дека ја води државата во политичка изолација и дека по две години власт нема видлив напредок во евроинтеграциите. Од партијата оценуваат дека наместо исполнување на реформите и отворање на европските перспективи, граѓаните добиваат политички пораки кои, според нив, не ги решаваат клучните државни прашања.

Во партиското соопштение се наведува дека ветувањата за подобра преговарачка позиција со Европската Унија не се реализирале и дека земјата останува без конкретен исчекор во пристапниот процес. Според СДСМ, изолацијата не може да се претставува како успех, ниту како политика што ги штити националните интереси.

Од опозициската партија потсетуваат дека Владата најавуваше исполнување на Реформската агенда во утврдени рокови, но тврдат дека тие обврски не се реализирани. Воедно, оценуваат дека реконструкцијата на Владата претставува обид да се сврти вниманието од економските предизвици и, како што велат, од недостатокот на резултати.

СДСМ во реакцијата наведува и дека измените на Изборниот законик, како и актуелните политички случувања, според нив создаваат атмосфера за можни предвремени парламентарни избори. Партијата порача дека нема да биде дел од, како што го нарекува, политичко сценарио чија цел е дефокусирање на јавноста од реалните проблеми.

На ваквите обвинувања претходно реагираше и ВМРО-ДПМНЕ, од каде порачаа дека СДСМ нема кредибилитет да зборува за европските интеграции, обвинувајќи ја партијата за неисполнети ветувања и отстапки во периодот кога беше на власт. Од владејачката партија тврдат дека нивната политика останува насочена кон членство во Европската Унија, но преку реформи, заштита на националните интереси и достоинствен пристап во преговарачкиот процес.

Најчитано