СДСМ оцени дека проблемите со водата за пиење во Гостивар и Валандово покажуваат сериозни слабости во контролата на водоснабдувањето и функционирањето на институциите задолжени за заштита на јавното здравје.
Од партијата наведуваат дека по здравствената криза во Гостивар, сега и жителите на Валандово добиле препорака да не ја користат водата од градскиот водовод за пиење, откако анализите покажале зголемено присуство на арсен. СДСМ прашува кој град ќе биде следен и бара одговорност од надлежните институции.
ЈП „Комунален сервис“ Валандово соопшти дека зголеменото ниво на арсен било утврдено во резултатите од анализите извршени од Институтот за јавно здравје. До добивањето нови резултати со кои ќе се потврди исправноста, водата не треба да се користи за пиење, туку исклучиво како техничка вода.
Од претпријатието информираа дека се вршат дополнителни анализи и контроли во соработка со надлежните институции. Граѓаните се повикани да ја почитуваат препораката сè до официјалното известување дека водата повторно е безбедна.
СДСМ тврди дека случаите во Гостивар и Валандово не се изолирани инциденти, туку последица на недоволна институционална контрола и несоодветно управување со системите од кои зависи здравјето на населението. Партијата ја обвини Владата дека не обезбедила навремена и ефикасна контрола на квалитетот на водата.
