Комисијата за култура на СДСМ го критикуваше градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, поради начинот на кој, според партиската комисија, Град Скопје ја третира подготовката за „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
Реакцијата следи по најавата за кафе-дебата посветена на „Скопје – европски град на културата 2028“, на која како говорници се најавени градоначалникот Ѓорѓиевски, уметници, професори и претставници од културниот сектор. Настанот е најавен за 22 мај, речиси две недели по Денот на Европа, кој се одбележува на 9 мај.
Од Комисијата за култура на СДСМ оценуваат дека Скопје не може да се подготвува за европска културна титула со задоцнети јавни настани, протоколарни средби и политички фотографии, туку со јасна програма, институционална работа и конкретни проекти за културните работници, установите и градската културна инфраструктура.
Во реакцијата се наведува дека е добро што конечно се организира јавна дебата за културата, но дека тоа не е доволно ако зад неа не следуваат реални обврски, рокови и мерливи резултати. Комисијата го повика градоначалникот да покаже поголема организација и посветеност, оценувајќи дека титулата за 2028 година бара сериозен процес, а не повремен политички ПР.
Скопје беше препорачано за Европска престолнина на културата 2028 во септември 2023 година, во конкуренција со Будва, како град од земја кандидат или потенцијален кандидат за членство во Европската Унија. Во 2028 година титулата треба да ја носат три града, од кои еден надвор од ЕУ.
Подготовките за „Скопје 2028“ веќе беа предмет на европски мониторинг. Во првиот мониторинг-извештај на Европската комисија беа нотирани сериозни загрижености за состојбата со подготовките и за тоа дали градот ќе може да ги исполни високите стандарди што се очекуваат од Европска престолнина на културата.
Токму затоа, од СДСМ оценуваат дека Град Скопје треба да излезе од декларативниот пристап и да покаже план што ќе ги опфати институциите, независната културна сцена, јавните простори и културното наследство. Според партиската комисија, Скопје заслужува подготовка што ќе ја надмине дневната политика и ќе ја врати културата како јавен интерес.
