Скопје од бетон повторно станува европска туристичка приказна

Скопје повторно влегува во европските туристички мапи, но не преку класичните разгледници, туку преку бетон, остри линии, масивни форми и архитектура што долго време беше оспорувана. Брутализмот, некогаш сметан за тежок, студен и премногу суров, денес станува тренд на социјалните мрежи и нова причина туристи да дојдат во градови што не личат на стандардните европски дестинации.

Еуроњуз го издвојува Скопје како едно од најинтересните места за такво патување. По земјотресот во 1963 година, кога биле уништени околу 80 проценти од градот, Скопје станало архитектонска лабораторија во која се вклучиле домашни и странски архитекти. Од таа обнова произлегоа објекти што денес повторно привлекуваат погледи: Главната пошта, МАНУ, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ и Градскиот трговски центар.

На туристичките рути веќе се појавуваат и специјализирани прошетки низ скопскиот брутализам. Локалната водичка Александра Георгиева неодамна почнала тура низ градот, со идеја да покаже дека оваа архитектура не е само бетонска маса, туку меморија на град што бил обновен по катастрофа. Таа за Еуроњуз оценува дека стилот е спорен, но токму преку него Скопје било повторно родено по земјотресот.

Брутализмот во Скопје не е само естетика, туку и политичка, урбана и културна приказна. Дел од објектите беа променети или прикриени со неокласични фасади во проектот „Скопје 2014“, а токму тоа ја отвори дилемата дали градот треба да се шминка како минато што никогаш целосно не го имал, или да го зачува модернистичкото наследство што навистина го одвојува од другите европски метрополи.

Трендот не е само скопски. Лондон го има Барбикан, Ереван го има Каскадниот комплекс, Белград има силна југословенска модернистичка линија, а Париз нуди свои бетонски урбани агли. Но Скопје има нешто што ретко кој град го има во таква концентрација: архитектура родена од трагедија, меѓународна солидарност и амбиција градот да се замисли како иднина.

Она што некогаш се гледаше како товар, денес станува визуелен капитал. Туристите повеќе не бараат само совршени селфи-точки со пастелни фасади и познати куполи, туку и градови со карактер, несовршеност и приказна. Во таа нова туристичка мапа, сивиот бетон на Скопје не е слабост, туку негов најпрепознатлив потпис.

Најчитано