Србија го кочи проширувањето на ЕУ наместо да биде двигател на процесот, оцени на 10 јули известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, откако европратениците го усвоија неговиот извештај во кој се наведува дека европскиот пат на Белград е значително забавен, а во одредени области е забележано и назадување.
Пицула посочи дека Србија има голем потенцијал за членство во Европската Унија, но дека со години не ја исполнува улогата што би можела да ја има во процесот на проширување. Тој нагласи дека состојбите во Србија не можат да се разгледуваат одвоено од влијанието што земјата го има врз Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.
Во извештајот се настојува геополитичката важност на проширувањето да се усогласи со реалната состојба на теренот. Пицула оцени дека претходните забелешки на Европската комисија биле остри кон српските власти, но дека институцијата подоцна го ублажила тонот.
Според него, врз таквата промена влијаеле стратешките интереси на Франција и Германија, кои сакаат Србија да остане во рамките на европските интеграции. Тој смета дека Европскиот парламент бил подоследен во критичкиот пристап кон политичките состојби во Србија.
Пицула предупреди дека Европската Унија не треба да ги занемарува кршењето на човековите права и основните европски вредности во замена за политички или економски интереси. Тој порача дека критериумите за членство мора да важат еднакво за сите држави кандидатки.
Како показател за резервираноста во Унијата, тој го наведе противењето на осум од вкупно 27 земји членки за отворање на третиот кластер во преговорите со Србија. Тоа, според неговата оценка, покажува дека дел од членките не гледаат услови за продолжување на процесот во сегашните околности.
Пицула оцени и дека долгогодишниот антиевропски наратив во Србија и во дел од српските медиуми влијаел врз расположението на граѓаните, поради што членството во Европската Унија повеќе нема поддршка каква што имало претходно.
