Три години исполнети со театар, креативност и многу насмевки. Од своето основање до денес, Театар за тебе создаде повеќе од 15 претстави за деца и три претстави за возрасна публика, реализираше околу 300 изведби на својата прва детска претстава „Супер Вселенко и роденденската торта“, организира просечно 600 роденденски анимации годишно и настапи пред повеќе од 30.000 деца и возрасни.
Денес, Театар за тебе работи со тим од околу десет професионални актери, драматурзи, психолози, педагози, фотографи и видеографи кои секојдневно ја носат магијата на театарот до публиката низ Македонија и надвор од неа.



Овој значаен јубилеј беше одбележан на 27 јуни во Public Room, каде што Театар за тебе, заедно со своите пријатели, соработници, публика и поддржувачи, го прослави својот трет роденден. Настанот помина во пријатна атмосфера, со музика, дружење и многу убави моменти, а беше и можност за премиерно претставување на првата merch колекција на Театар за тебе — уште еден креативен чекор преку кој театарот ја проширува својата приказна и надвор од сцената.
Во изминатите три години, театарот изгради репертоар што опфаќа претстави за деца и возрасни, креативни и едукативни работилници, тим билдинг програми, интерактивни настани и роденденски анимации. Покрај постојаниот тим од околу десет актери, низ проектите на Театар за тебе учествувале и бројни други актери и соработници, кои дале свој придонес во развојот на колективот.

Со своите претстави и активности, Театар за тебе гостуваше во повеќе градови низ Македонија, меѓу кои Велес, Куманово, Демир Капија, Гевгелија, Делчево, Богданци, Кратово, Охрид и Виница, а настапуваше и надвор од државата, во Србија и Германија. Во периодот што следува веќе се планирани и нови меѓународни гостувања, со цел македонската независна театарска сцена да се претстави и пред нова публика.
„Овие три години се доказ дека со многу љубов, посветеност и верба може да се создаде простор каде што уметноста е достапна за сите. Горди сме на секое дете што се смеело во нашите претстави, на секој гледач што ја споделил својата приказна со нас и на секој соработник што помогнал Театар за тебе да расте. За нас, театарот не е само претстава — тоа е место каде што се создаваат спомени, се отвораат разговори и се градат заедници“, изјави Изабела Јакимова, основач на Театар за тебе.
Покрај својата репертоарска дејност, Театар за тебе останува посветен на развојот на независната културна сцена преку создавање нови авторски проекти, поддршка на млади уметници и активности што ја доближуваат уметноста до различни генерации и заедници.
„Кога ќе погледнеме наназад, најголем успех не се само бројките, туку довербата што ја добивме од публиката. Зад секоја претстава, секој роденден и секоја работилница стојат луѓе кои веруваат во тоа што го создаваме. Токму таа доверба нè мотивира да продолжиме да растеме, да создаваме нови претстави, да им даваме простор на младите уметници и да ја претставуваме македонската независна театарска сцена и надвор од границите на државата“, изјави Сара Томевска, продуцент на Театар за тебе.
Во својата четврта година, Театар за тебе влегува со нови претстави, нови авторски проекти, нови меѓународни гостувања и амбиција уште повеќе да ја доближи театарската уметност до децата, младите и возрасната публика. Трите години се значајна пресвртница, но уште повеќе се поттик да продолжи да создава приказни што остануваат долго по последниот аплауз.


