Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски остро го осуди инцидентот со палењето возило во сопственост на Бугарската амбасада во Скопје и порача дека институциите нема да дозволат толеранција за каков било вид насилство.
Тошковски изјави дека ваквите настани се неприфатливи, особено кога се насочени кон имот поврзан со дипломатско претставништво на соседна држава. Тој нагласи дека институциите реагирале брзо и дека случајот се процесира по итна постапка.
„Насилство нема да дозволиме и нема да биде толерирано“, порача министерот, одговарајќи на новинарско прашање.
Според Тошковски, лицето кое се сомничи за палењето на возилото било многу брзо идентификувано и обезбедено од страна на МВР, во соработка со Агенцијата за национална безбедност.
Министерот најави дека во текот на денот се очекуваат информации од Обвинителството и од судот за понатамошните чекори во постапката.
Во однос на мотивите за инцидентот, Тошковски рече дека во оваа фаза не може да сподели повеќе информации, бидејќи постапката е во тек и се води согласно законските процедури.
Инцидентот пред Бугарската амбасада предизвика реакции поради безбедносната и дипломатската чувствителност на случајот. Напад врз имот поврзан со странско дипломатско претставништво не е само кривично-правно прашање, туку и настан што може да има поширока политичка и дипломатска тежина.
Тошковски порача дека осудата на ваков тип насилство треба да биде јасна од сите политички фактори во државата, особено кога станува збор за оштетување имот во сопственост на соседна држава.
