Тотенхем заглави со Лидс и ја продолжи борбата за опстанок

Тотенхем не успеа да ја искористи шансата да се оддалечи од зоната за испаѓање, откако на домашен терен одигра 1-1 против Лидс во 36. коло од англиската Премиер лига. Со ремито, тимот од Лондон останува само два бода пред Вест Хем, кој е во опасната зона, на две кола до крајот на сезоната.

Домашниот тим поведе во 50. минута преку Матис Тел, но истiot играч подоцна направи прекршок во сопствениот шеснаесетник. По интервенција на ВАР, беше досуден пенал за Лидс, а Доминик Калверт-Луин во 74. минута го постави конечниот резултат.

За Лидс, бодот немаше драматично значење во битката за опстанок, бидејќи клубот веќе ја обезбеди премиерлигашката иднина по поразот на Вест Хем од Арсенал. Во составот повторно го немаше бугарскиот репрезентативец Илија Груев, кој е надвор од терените до крајот на сезоната.

Тотенхем, предводен од Роберто де Зерби, сега влегува во завршницата со минимална предност пред Вест Хем и без простор за нови грешки. До крајот на сезоната го очекуваат гостување кај Челси и домашен натпревар против Евертон, додека Вест Хем ќе гостува кај Њукасл и ќе го пречека Лидс.

Ремито дополнително ја засили неизвесноста во долниот дел од табелата. Тотенхем има 38 бода, Вест Хем 36, а Барнли и Вулверхемптон веќе се испаднати. Прашањето за последниот патник во Чемпионшип најверојатно ќе се решава во последните две кола.

Најчитано

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најчитано