Доналд Трамп е во одлична здравствена состојба и целосно способен да ги извршува претседателските должности, соопшти неговиот личен доктор
Во извештајот објавен од Белата куќа, лекарот Шон Барбабела наведува дека Трамп има силна функција на срцето, белите дробови и нервниот систем, како и добра општа физичка состојба. Трамп го извршил редовниот систематски преглед во Националниот воен медицински центар „Волтер Рид“, по што изјавил дека резултатите биле одлични.
Според извештајот, Трамп освоил максимални 30 од 30 поени на Монтреалскиот когнитивен тест, кој се користи за проценка на менталните способности и когнитивното здравје.
Американскиот претседател, кој следниот месец ќе наполни 80 години, тежи 108 килограми, што е за околу шест килограми повеќе во споредба со претходниот преглед. Лекарите му препорачале да продолжи со мерките за намалување на телесната тежина, правилна исхрана и физичка активност.
Во извештајот се наведува и дека неговиот пулс во мирување изнесувал 73 отчукувања во минута, а состојбата на неговото срце одговара на лице кое е приближно 14 години помладо од неговата реална возраст.
