Оперската класика „Травијата“ од Џузепе Верди ќе биде изведена на 27 мај, со почеток во 20 часот, на сцената на Националната опера и балет, во рамките на 54. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“.
Едно од најпознатите дела во светската оперска литература повторно доаѓа пред скопската публика со приказна што повеќе од век и половина ја задржува својата драмска сила. Создадена според романот „Дамата со камелии“ од Александар Дима синот, „Травијата“ ја носи приказната за Виолета Валери, љубовта, жртвата и судирот меѓу личната слобода и општествените норми.
Во продукцијата на Националната опера и балет диригент е Гергељ Кесељак од Унгарија, режијата е на Верена Штојбер од Германија, а сценографијата и костимографијата се на Софија Шнајдер. Кореограф е Саша Евтимова, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор е Јасмина Ѓоргеска.
Во улогата на Виолета Валери ќе настапи Теа Пурцеладзе од Грузија, Алфред Жермон ќе го толкува Алесандро Фантони од Италија, а Жорж Жермон ќе биде Бадрал Чулунбатар од Монголија. Во останатите улоги настапуваат Марика Поповиќ, Александра Лазаровска Василевски, Кристијан Антовски, Драган Ампов, Никола Стојчевски, Невен Силјановски, Игор Гиновски и Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
„Травијата“ е опера во три чина, со либрето на Франческо Марија Пјаве. Првпат била изведена на 6 март 1853 година во театарот „Ла Фениче“ во Венеција, а денес е едно од најизведуваните дела на оперските сцени во светот.
Во рамките на 54. „Мајски оперски вечери“, кои се одржуваат од 9 до 31 мај, публиката годинава има програма составена од дела на Пучини, Верди и Чајковски, меѓу кои „Сестра Анџелика“, „Џани Скики“, „Риголето“, „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, „Лебедово езеро“, „Травијата“ и „Набуко“. Со тоа фестивалот останува една од најважните културни точки на мајската сцена во Скопје, во која домашниот ансамбл настапува заедно со меѓународни солисти и уметници.
