Условни пресуди за тројцата полицајци од ,,Пулс”

На денешното рочиште Основниот кривичен суд Скопје ги прогласи за виновни за злоупотреба на службената положба тројцата полицајци од Кочани и на Кире Богатинов и Горан Лазаров им изрече условна казна затвор од една година, а на командирот на ПС Кочани Александар Темелков – условна казна затвор од две години, која нема да се изврши ако во период од четири години не стори ново кривично дело.

Она што беше интересно е дека на објавата на првостепената пресуда во Кривичниот суд денеска не присуствуваше ниту еден од обвинетите и нивните бранители.

Во образложението на пресудата, судијката рече дека Судот ги ценел како олеснителни околности, тоа што обвинетите не се осудувани претходно, се семејни луѓе, како и тоа што нивните дејствија не резултирале со непосредни штетни последици што би можеле да се доведат во директна причинско-последична врска со пожарот во дискотеката „Пулс“.

– Обвинетите своите службени должности ги извршиле само привидно. Формата била запазена, но суштината изостанала. Формалното постапување што не води кон резултат не претставува извршување на должноста, туку нејзино неизвршување. Како последица на ваквото постапување, не била поведена прекршочна постапка против носителот на дејноста и одговорното лице, со што им била овозможена некаква имотна корист во вид на неповедување на прекршочната постапка. Помеѓу неизвршувањето на службената должност од страна на обвинетите и оваа последица постои причинско-последична врска – изјави судијката.

Обвинетите, исто така, се задолжуваат секој поединечно да ги надоместат судските трошоци на постапката во износ од по 7.000 денари.

Против пресудата е дозволена жалба до Апелациониот суд во Скопје.

Во завршните обраќања јавниот обвинител, Спасенка Андонова, побара осудителна пресуда поради неизвршување на службената должност, а одбраната побара ослободување на обвинетите оценувајќи дека вината не е докажана.

Зачлени се на нашиот е-билтен