Белата куќа денеска соопшти дека е длабоко загрижена поради усвојувањето на контроверзниот закон за „странско влијание“ во Грузија, предупредувајќи дека САД би можеле да ги преиспитаат своите односи со земјата.
– Очекуваме (грузискиот) претседател да стави вето, изјави портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер.
Таа додаде дека не е јасно дали грузискиот парламент ќе се обиде да го протурка законот и покрај можното вето и дека ќе види што ќе направи парламентот, посочувајќи дека законот ќе ги принуди САД „длабоко да ги преиспитаат своите односи со Грузија“.
И покрај протестите, грузискиот парламент денеска во трето и последно читање го одобри контроверзниот закон за „странски агенти“, кој многумина го сметаат за закана за напорите на земјата да се приближи до ЕУ. Критичарите претходно рекоа дека законот може да се користи за загрозување на граѓанските слободи.
Предложениот закон го осудија САД, Европската унија и други за неговите сличности со рускиот закон што рускиот претседател Владимир Путин го користи за да го замолчи несогласувањето со официјалната политика и да ги задуши независните институции.