Виена го забележа еден од најекстремните температурни рекорди во историјата на мерењата, откако термометрите во австриската престолнина покажаа над 40 степени Целзиусови. Ова е првпат главниот град на Австрија да ја надмине оваа граница, додека топлотниот бран продолжува да го оптоварува регионот.
Највисока температура е измерена во виенската населба Штамерсдорф, каде што температурите достигнале 41 степен Целзиусов. Со тоа е соборен и претходниот австриски температурен рекорд од 40,5 степени измерен во 2013 година во Долна Австрија.
Австриската метеоролошка служба ГеоСфера Австрија прогласи црвен метеоаларм за Виена, северниот дел на Бургенланд и североисточниот дел на Долна Австрија. Предупредувањето се однесува на опасностите што ги носат екстремните горештини, особено за постарите лица, хронично болните, децата и луѓето кои работат на отворено.
Проблем претставуваат и високите ноќни температури, бидејќи во делови од градските средини температурата не паѓа доволно за организмот да се опорави од дневната жештина. Експертите предупредуваат дека продолжените топлотни бранови можат да предизвикаат зголемен ризик од топлотна исцрпеност, дехидрација и сериозни здравствени компликации.
Освен здравствените ризици, високите температури влијаат и врз природата и инфраструктурата. Топлотните бранови низ Европа во последниот период предизвикуваат суши, зголемен ризик од пожари и дополнителен притисок врз енергетските системи.
Надлежните во Австрија препорачуваат граѓаните да внесуваат доволно течности, да избегнуваат престој надвор во најтоплиот дел од денот и да им посветат посебно внимание на најранливите категории.
