Владата предлага нов Закон за поседување оружје

Владата достави до Собранието нов Предлог-закон за оружјето, со кој целосно се заменува постојниот закон што е во примена од 2005 година.

Според предложеното решение, физичко лице ќе може да поседува најмногу десет парчиња оружје со дозвола. Исклучок ќе има за активни спортски стрелци кои ги исполнуваат законските услови.

Со новата категоризација, во категоријата забрането оружје се ставаат автоматско оружје, електрични парализатори, гасно оружје, оружје маскирано како друг предмет, одредени видови воена муниција, како и дел од полуавтоматските оружја со рамки со голем капацитет.

Пиштоли, револвери, ловечки и спортски пушки, како и одредени видови пневматско оружје, ќе можат да се набавуваат само со претходно одобрение од Министерството за внатрешни работи.

Предлог-законот за првпат подетално ги регулира и Airsoft и Paintball направите, кои ќе треба да бидат пријавени и евидентирани. Во истата категорија се вклучуваат и лансери на пепер спреј, како и деактивирано оружје.

Новини се предвидуваат и за муницијата. Физичко лице ќе може да набавува најмногу 500 куршуми годишно за оружје со жлебени цевки, освен ако не докаже оправдана потреба за поголема количина.

Во предлогот е предвидена и европска дозвола за огнено оружје, како документ за сопственост и користење оружје според европските стандарди.

Законот воведува правила и за полупроизведено оружје, делови и технички нацрти за производство преку 3Д печатачи и CNC машини, како и електронско следење на оружјето од производителот до крајниот корисник.

Најчитано