Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Во слава на Џина Махса Амини ЕУ го повика Иран да ги прекине сите форми на дискриминација на жените

На годишнината од смртта на иранската активистка Џина Махса Амини, ЕУ го повикува Иран да ги отстрани, и во законите и во праксата, сите форми на системска дискриминација на жените и девојките во јавниот и приватниот живот и да преземе родово одговорни мерки за да спречи сексуални и родово базирано насилство врз жените и девојките и да обезбеди нивна заштита, порача денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во писмена изјава по повод годишнината од смртта на Амини. 

– Го почитуваме нејзиниот спомен и движењето „Жени, живот, слобода“ водено од храброста и решителноста на безброј Иранци, особено жени. Пред две години, Иранците излегоа на улиците барајќи почитување на основните слободи. Со ужасната ситуација со човековите права во Иран, особено потиснувањето на правата на жените, овие гласови, кои повикуваат на достоинство и еднаквост, мора да се слушаат и почитуваат, наведе Борел. 

Тој потенцира дека репресијата врз припадниците на движењето „Жени, живот, слобода“ од страна на иранските власти резултираше со стотици смртни случаи, илјадници неправедно притворени и повреди лица и со сериозни ограничувања на слободата на мислењето и изразување и на другите граѓански слободи.  

– Иранските правосудни власти употребија несоодветно остри казни, вклучително и смртна казна, против демонстрантите. ЕУ ја користи оваа прилика да го повтори своето силно и недвосмислено противење на смртната казна во секое време, на сите места и во сите околности, особено земајќи го предвид загрижувачкиот пораст на егзекуциите забележани во Иран изминатите години. ЕУ, исто така, потсетува дека според меѓународното право забраната за тортура е апсолутна. Не постојат никакви причини, околности или исклучоци кои би можеле да се повикаат како оправдување за неговата употреба, посочува Борел. 

Првиот европски дипломат нагласува и дека ЕУ верува во основните права, како што се слободата на изразување и на собирање, кои мора да се почитуваат во сите околности, бидејќи од суштинско значење е обезбедувањето на силно и слободно граѓанско општество. 

Борел потенцира и дека ЕУ бара сторителите на насилството и кршењето на човековите права во Иран да одговараат и го повикува Техеран да ги имплементира релевантните меѓународни договори и спогодбите што ги има потпишано, да дозволи слободен и непречен пристап во земјата на претставници на Советот за човекови права на ОН и целосно да соработува со независната Меѓународна мисија за проверка на факти. 

– ЕУ, исто така, го повикува Иран веднаш да ја прекине неприфатливата и незаконска практика на произволно притворање, вклучително и на ЕУ и на двојни државјани на ЕУ и Иран и веднаш да ги ослободи. ЕУ и нејзините земји членки продолжуваат да ги повикуваат иранските власти да ги почитуваат и да ги поддржуваат правата на своите граѓани, да дозволат мирни протести и да им ги овозможат основните слободи, додава Борел во изјавата.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново