Воздухопловната база на НАТО во албанскиот град Кучово, која се наоѓа во јужниот дел на земјата, што е прва ваква база во Западен Балкан, ќе биде инаугурирана на 4. идниот месец.
Подготовките на базата на НАТО во Кучово се при крај и за првпат Министерството за одбрана објави видео и фотографии од неа.
Во видеозаписот, Командантот на албанските воздухопловни сили, бригадниот генерал Фердинанд Димо вели дека се е подготвено базата да профункционира.
– Ние сме на крајот од сите работи за трупите на воздухопловните сили да се обучуваат во оваа база. Но, не само тоа, трупите на НАТО и НАТО авионите можат да се сместат, обучуваат и летаат од воздухопловната база Кучово, која веќе е тактичка воздухопловна база на НАТО, вели тој.
![фердинанд димо](https://mia.mk/articles/images/%D0%B2%D0%BE%D0%B7%D0%B4%D1%83%D1%85%D0%BE%D0%BF%D0%BB%D0%BE%D0%B2%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%B0%D0%B1%D0%B0%D0%B7%D0%B0%D0%BD%D0%B0%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%BE%D0%B2%D0%BE%D0%BA%D1%83%D1%87%D0%BE%D0%B2%D0%BE%D1%9C%D0%B5%D0%B1%D0%B8%D0%B4%D0%B5%D0%BE%D1%82%D0%B2%D0%BE%D1%80%D0%B5%D0%BD%D0%B0%D0%BD%D0%B04%D0%BC%D0%B0%D1%80%D1%82Thhkx/7yxzav4e3/large.webp?use_watermark=0)
Димо ги наведува и досегашните чекори, од моментот кога беше одлучено во Кучово да се изгради воздухопловна база за НАТО.
– Во 2021 година беше планирано да се спроведат инвестициите за ревитализација на инсталациите на базата Кучово. Сега сме на крајот со реализацијата на три значајни проекти, како што се оградувањето и безбедносниот систем, како и периметарската заштита на базата. Приближно 50 милиони евра се инвестирани од НАТО, а повеќе од 5 милиони евра од албанската влада“, објаснува командантот на воздухопловните сили.
Според него, изградбата на воздухопловната база на НАТО во Кучово ќе придонесе и за економски развој на целиот округ Берат.
На свеченоста на 4 март ќе присуствуваат високи претставници на албанската држава, НАТО и САД.
Инаку, базата е изградена за потребите на албанските воздухопловни сили за време на комунистичкиот режим кој владееше во Албанија помеѓу 1944 и 1991 година и го штитеше воздушниот простор на земјата. Исто така, била домаќин на различни видови руски и кинески авиони.
Последните летови од оваа база биле извршени во 2005 година.