Предлог-законот за соодветна и правична застапеност денеска ќе се најде пред пратениците на пленарна седница во прво читање, отворајќи една од почувствителните политички и институционални теми по укинувањето на досегашниот механизам познат како „балансер“.
Законот треба да ја уреди застапеноста на заедниците во институциите, но според нов пристап — врз основа на реални податоци од последниот попис и конкретните потреби за вработување во јавниот сектор.
Предлогот доаѓа по одлуката на Уставниот суд со која беше укинат „балансерот“, механизам кој со години се користеше при вработувањата во администрацијата за да се обезбеди етничка застапеност. Новото законско решение треба да понуди замена за тој систем, но уште пред расправата предизвика политички реакции.
Најмногу забелешки стигнаа од албанската опозиција, која реагираше на начинот на кој ќе се носи законот. Предвидено е тој да се изгласа со таканаречениот „мал Бадентер“, односно со мнозинство од присутните пратеници кои припаѓаат на немнозинските заедници.
Албанските опозициски партии оценуваат дека предложениот закон не е соодветна замена за укинатиот „балансер“ и предупредуваат дека може да се отвори нов политички спор околу застапеноста на заедниците во институциите.
Од СДСМ засега нема конечен став дали ќе го поддржат законот, но на комисиската расправа изнесоа свои забелешки за предложеното решение.
Прашањето за правичната застапеност останува едно од клучните политички прашања во земјата, бидејќи го допира односот меѓу институционалната ефикасност, уставниот принцип на еднаквост и потребата од реална застапеност на сите заедници во јавниот сектор.
