Дел од маркетите се обидоа да ја изиграат новогодишната мерка за намалување на цените. Иако одредени производи од новогодишната кошничка беа поевтинети за 10%, на сметка на тоа драстично поскапеа други основни артикли, како масло, леб, шеќер, сол, млеко и јајца.
Сепак дел од нив предупредуваат дека токму поради „Новогодишната кошничка“ не смеат да ги промовираат популарните акции кои за некои прозводи достигнуваа и 40 проценти, па сега граѓаните мора да се задоволат со овој избор на арикли.
Но, каде е вината, слична беше состојбата и со есенската кошничка, истите проблеми и истите убедувања од власта.
И покрај уверувањата на министерот за економија Бесар Дурмиши дека мерката ќе биде корисна, граѓаните веќе предупредуваа на поскапувања. Некои производи прво беа поскапени за 20%, па потоа станале дел од намалувањето од 10%.
Премиерот Христијан Мицкоски и сега како и во октомври за есенската кошничка најави дека Државниот пазарен инспекторат ќе спроведе „робусна и жестока“ акција за спречување на ваквите злоупотреби. Тој категорично изјави дека владата нема да толерира трикови од страна на трговците и најави детална анализа за поскапувањата.
„Сакавме да покажеме добра волја и да се договориме. Но, нема да дозволиме манипулации“, истакна Мицкоски, без да одговори дали ќе следат казни за прекршителите.
Новогодишната кошничка, со која повеќе од 1.000 производи требаше да бидат поевтини, важи од 15 декември до 15 јануари. Наместо законска обврска, мерката се засноваше на доброволен договор со трговците.
Сојузот на синдикати на Македонија предупреди дека цените на одредени артикли се зголемени за 30%. Медиумите веќе прашаа каква гаранција има дека трговците ќе го почитуваат намалувањето, но владата остана уверена во договорот.