Институтот за медиуми и аналитика ја објави публикацијата „Дискриминацијата и говорот на омраза во медиумите и јавната комуникација“.
Публикацијата „Дискриминацијата и говорот на омраза во медиумите и јавната комуникација (анализи)“ донесува авторски анализи на Билјана Георгиевска – новинарка и извршна директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија, Славица Анастасовска – Хелсиншки комитет за човекови права, и м-р Мања Величковска, м-р Грација Атанасовска и м-р Сара Миленковска – истражувачки од Коалиција МАРГИНИ. Авторките имаат повеќегодишно искуство во медиумите и во спроведување истражувања во организации што дејствуваат на полето на човековите права.
Преку анализирањето на примери и студии на случаи од медиумски содржини и од социјалните мрежи, авторските анализи во публикацијата ги детектираат главните форми и наративи на кршење на човековите права, говорот на омраза и дискриминацијата во медиумите и на социјалните мрежи, со фокус на општествените групи и поединци што се најчесто на удар на вакви содржини, кои честопати содржат дезинформации, дискриминаторски говор, говор на омраза, но и повици на насилство. Анализите донесуваат и заклучоци и препораки за можните решенија, кои би придонеле за подобро справување со овие прекршувања во медиумите и во јавната комуникација.
Публикацијата е дел од активностите на Институтот за медиуми и аналитика ИМА, поддржани од Европскиот фонд за демократија (European Endowment for Democracy) од Брисел, и е придонес за остварување на заложбите на ИМА за унапредување на демократијата и човековите права, преку соработка со институциите, граѓанските организации и медиумите за справување со штетите од поларизацијата, говорот на омраза, дезинформациите и нападите врз критичките мислители во медиумите и јавната комуникација.
Публикацијата може да се симне на следниот линк:
Дискриминацијата и говорот на омраза во медиумите и јавната комуникација (анализи)