Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Заев: Само прогресивни и демократски ориентирани политички елити имаат храброст и волја да решаваат сложени прашања

Да истраеме во нашата посветеност кон демократијата. Таа не е еднаш засекогаш дадена и нема крајна дестинација или конечно достигнато рамниште. На демократијата треба да обезбедиме континуиран развој и унапредување.

Зоран ЗАЕВ (за списанието „Предизвици“ на ФЕС)

Длабоките кризни ситуации со коишто се соочи светот на сцена ги врати притаените сили на авторитарната матрица, пишува поранешниот премиер Зоран Заев во анализа за списанието „Предизвици“ што го издава Фондацијата Фридрих Еберт, кое во последниот број се посветено на на темата „Отпорноста на демократиите“.

Во својата анализа Заев пишува дека во изминатите две години заради ковид-19 кризата и војната во Украина, се забележани тенденции на ограничување на слободите и човековите права, манифестации на злоупотреба на политичката или економската моќ, а земјите коишто и претходно биле препознавани како автократии, дополнително го засилиле авторитарното владеење под изговор и оправдување дека: „кризните времиња бараат кризно управување“.

– Овие закани по демократијата најчесто се поттикнати од политичките елити кои во такви, кризни услови, се фокусираат на обезбедување на сопствената политичка и економска моќ за сметка на општествениот развој. На овие трендови укажуваат голем број последици, вклучително и широко распространетата ерозија на владеењето на правото и граѓанските слободи, растечката економска нееднаквост и зголемениот неуспех на владите ширум светот во потрагата по широк консензус за заедничка согласност за одговор на овие предизвици. Ние сме исправени пред, можеби, најголемиот предизвик изминативе децении, да ги најдеме и спроведеме постапките што ќе влијаат демократското население да остане силно мотивирано за одбрана на слободите. Но, и да ги вбризгаме фактите низ нашите општества со единствена цел – да ја зголемиме имунолошката отпорност на демократијата, порачува Заев.

Авторитарните сили ја користеа кризата да наметнат сомнежи кон ЕУ, НАТО, ОБСЕ, ОН и други сојузи

Според поранешниот премиер авторитарните сили ги искористиле кризните ситуации со коишто се соочи и се соочува светот, како и последиците и кризите коишто следуваат на билатерален план меѓу одделни држави, за да наметнат сомнеж во однос на целисходноста на мултилатералните организации и колективните политички сојузи, како што се: ОН, ОБСЕ, ЕУ, НАТО и други организации и заедници.

– Сепак, може да се каже дека тие интенции не ги дадоа очекуваните резултати за застапниците на овие сомнежи во меѓународните институции. Во однос на Европската Унија, на пример, неколкуте егзистенцијални кризни ситуации, како: финансиската криза во 2008 година, бранот популизам, Брегзит, па Ковид-19 кризата и актуелната со војната во Украина, воопшто не го доведоа во прашање нејзиното постоење и функционалност. Напротив, ЕУ успева да ги совлада сите противречности коишто произлегуваат од одделните интереси на нејзините земји-членки коишто и во вакви исклучително кризни времиња, кога е очекувано секогаш да ги имаат пред себе националните државни интереси и интересите на своите граѓани, успеа да одржи едно неопходно ниво на консензус и колективна солидарност за прашања коишто се од пресудна важност за иднината на Европската Унија. Особено е важно што ЕУ успева низ кризата да го врати како приоритетно прашањето на проширувањето. Уверен сум дека европските раководства, гледајќи ја мапата на Европа денес, разбираат дека одлагањето на проширувањето со земјите од Западен Балкан ја прави оваа паневропска интеграција нецелосна и тоа создава сериозна „пукнатина“ за влијанија на трети страни со опасни ризици за безбедноста во срцето на Европа, смета Заев.

Во својата анализа за „Предизвици“ Заев потенцира дека војната во Украина пред ЕУ уште еднаш со сета своја тежина го поставила прашањето за нејзините граници како егзистенцијално прашање.

– Од една страна изразената политичка подготвеност да ги отвори преговорите за членство со: Украина, Молдавија и Грузија, е разбирливо од аспект на тековните воени активности на нејзините источни граници, но истовремено, беше неразбирливо одлагањето на проширувањето со земјите од Западен Балкан, особено со оние за коишто Брисел утврди дека ги исполнуваат критериумите за почеток на преговорите. За среќа, кога станува збор за Северна Македонија, стартната скрининг фаза од преговорите веќе започна и сега е прашање на политичка подготвеност на Брисел да го одржи темпото, со тоа што активно ќе придонесе да се надминат сериозните недоразбирања со Бугарија, анализира Заев.

Само прогресивни и демократски ориентирани политички елити имаат храброст и волја да решаваат сложени прашања

Поранешниот премиер Зоран Заев во анализа за списанието „Предизвици“, на тема „отпорноста на демократиите“ пишува дека кога станува збор за неопходноста од создавање и негување резилиентни демократии и општества, Северна Македонија може да биде пример.

– Денес, Северна Македонија е рамноправен дел од најмоќниот сојуз во светот, членка е на НАТО, а ги отвори и преговорите за членство во Европската Унија. Овие две стратешки цели на државата немаше да бидат остварени, или во фаза на остварување, кога е во прашање ЕУ, ако општеството не го исполнеше основниот критериум за членство во овие колективни заедници – соодветното ниво на демократија. А таа, до 2016 година, беше во сериозно опаѓање, со тенденција земјата да заглави во прегратките на тоталитаризмот. Сепак, покажавме дека демократијата може да преовлада и дека е можно да се направи и таква промена. Од „заробена држава“, станавме современ пример којшто сите го нарекуваа успешна приказна. Од држава со авторитарни тенденции, со скратена или никаква слобода на изразување и лимитирани медиумски слободи, нашата демократија се консолидираше и унапредуваше, така што окупираното општество го трансформиравме во општествена заедница којашто создава и извезува нови демократски вредности, пишува Заев.

Тој дополнува дека откако била реставрирана демократијата и демократските институции, потоа бил започнат процес за ставање крај на повеќегодишните разлики коишто издигнале ѕид којшто ги отежнувал пријателските односи со нашите соседи.

– Со децении претходно режимот од 2006 до 2016 година нив ги игнорираше, бидејќи на авторитарните режими секогаш им одговара да создаваат непријатели за да бидат затворени. Со силен притисок и во коалиција со огромното мнозинство од граѓаните, демократијата преовлада низ демократски избори, низ институциите, ја вративме демократијата таму од каде што беше киднапирана и на светот му дадовме една возобновена демократска Македонија и нов Балкан. Европски. Балкан којшто покажува намери и капацитет да биде: слободен, поврзан, еднакво вреден и еднакво важен дел од напредниот свет. Во времиња на: големи глобални и идеолошки пресврти, радикализации и неизвесност, ние испорачуваме решенија и мир. Пресвртната точка за Северна Македонија и нејзината нова улога во регионот беше Договорот од Преспа, со којшто со Република Грција го решивме тридеценискиот спор. Тој Договор уште еднаш потврди дека само прогресивните, демократски ориентирани политички елити се доволно храбри и имаат силна политичка волја да решаваат и најсложени прашања или недоразбирања. Договорот од Преспа беше движечка сила за нови иницијативи коишто дотогаш не беше можно да се реализираат, оценува Заев.

Во регионалните иницијативи како Отворен Балкан се втемелени новите социо-економски перспективи

Според него, денес регионалната соработка и иницијативите како Отворен Балкан се темелите и засилувачите на новите социо-економски перспективи, бидејќи почиваат врз дијалог и меѓусебна поддршка.

– Бидејќи се во суштината на демократијата и либерализмот, односно се директни противници на радикализмот и на авторитарните, самодоволни режими. Токму затоа, иницијативите за соработка и поврзување, како што е Отворен Балкан, имаа, и имаат противници меѓу националистите и автократите. Но, ова е време на борба на умерените со радикалите и колку порано умерените леви и десни лидерства и граѓанства се запознаат, се здружат и сојузат, толку поскоро и полесно ќе си го спасиме Балканот од искрите национализам коишто, на моменти, ја прекриваат дури и Преспа со непријатен чад и мирис. Имаме одговорност да повикуваме на здружено делување, ние умерените левичари и десничари, заедно да се спротивставиме на радикалните центри и тенденции коишто од лево и десно се спојуваат зад нашиот видокруг, користејќи најопасни методи за манипулации, предизвикувајќи конфликт и судир, не нудејќи никакви решенија за напредок, нагласува Заев.

Авторитарните режими се плашат од слободата на изразување и слободата на медиуми

Во борбата меѓу авторитарните тенденции и демократијата, исклучително значаен фактор се демократските институции, оценува поранешниот премиер Зоран Заев во анализа за списанието „Предизвици“, на тема „Отпорноста на демократиите“.

– Од изборните комисии, до високите судови, од локалните власти, до националните институции за човекови права, од медиумските регулаторни тела, до антикорупциските ентитети… Сите овие демократски структури треба да се одржуваат во духот на демократијата и постојано да се зајакнуваат. Најважните „состојки“ на демократските институции се: транспарентноста, независноста и услужноста. Само како такви тие ќе ја обноват или задржат довербата на граѓаните. Независните институции коишто го почитуваат владеењето на правото и интересот на граѓаните играат клучна улога во обезбедувањето основа за силни и отпорни демократии. Во таа насока, она што треба да биде континуитет се: политичката и финансиската поддршка, учеството на јавноста во креирањето на политиките за работа на демократските институции, затоа што тие произлегуваат од граѓаните и треба да им бидат сервис на граѓаните. Слободата на медиумите и граѓанското образование треба да бидат, и да останат во врвните приоритети кога станува збор за инвестиции во овие столбови на демократијата и во нивното промовирање како темелни потпори врз коишто се издигнува слободното и демократско општество. Бидејќи недемократските, авторитарни режими се плашат од нив, секоја демократски ориентирана власт ја има одговорноста да ги промовира и заштитува слободата на изразување, вклучително и слободата на медиумите, пишува Заев.

Според Заев овие фактори заедно со сопствената транспарентност и одговорност за добро владеење се основни алатки за справување со: дезинформациите, поларизацијата и говорот на омраза, затоа што тие се основното оружје за сеење страв и за воспоставување контрола врз јавното мислење.

– Недостигот на доверба во институциите обезбедува плодна почва за популистичките лидери и движења, коишто ја користат можноста да ја префрлат целата вина на „демократијата и човековите права, смета Заев.

Демократијата ќе преовладее

Сепак, според поранешниот премиер, демократијата ќе преовладее.

 – Да, живееме во предизвикувачки времиња. Но, моето искуство ми покажа дека секогаш ќе има пречки и луѓе кои во име на моќта ќе ставаат клинови во тркалата: на демократијата, на правдата, на еднаквоста. Затоа, од витално значење се нашите заеднички и принципиелни напори да истраеме во нашата посветеност кон демократијата, во име на достоинството и еднаквоста за сите. Демократијата не е еднаш засекогаш дадена и нема крајна дестинација или конечно достигнато рамниште. На демократијата треба да обезбедиме континуиран развој и унапредување.

– Оттука, за мене е прашање дали постои „консолидирана демократија“, бидејќи ако остане таква, ја одземаме нејзината суштина, а тоа е нејзината внатрешна динамика за постојан развој. Демократијата треба да изненадува со нови идеи, да ги користи мејнстрим институциите за да допре до што повеќе граѓани со своите бенефити, да изненадува со нови слободи коишто ќе им се допаднат на општествата, а не да се консолидира со наведната глава пред нападите од радикализмот. Има бројни примери, а Северна Македонија е еден од нив. Преку здружување на различните, демократијата може да надвладее над монолитните радикали, пишува поранешниот премиер Зоран Заев во анализа за списанието „Предизвици“, на тема „Отпорноста на демократиите“.

На овој линк имате пристап до интегралната анализа на Зоран Заев и на другите содржини од списанието „Предизвици“ на тема „Отпорноста на демократиите“

Зачлени се на нашиот е-билтен