На 8 април 1993 година, на приемот на Република Македонија во ОН, за прв пат одекна македонскиот јазик во Генералното собрание
На денешен ден, на 8 април 1993 година, во организацијата на Обединетите нации во Њујорк, Република Македонија беше примена за рамноправна членка на меѓународната организација на народите.
Постојат многу начини да се сеќаваме и да ги чествуваме значајните датуми од патот за државотворност на Република Северна Македонија. Порталот Рацин.мк овој пат реши тоа да го направи низ сеќавање за медиумските известувања за тој голем настан.
Еве како известуваа новинарите на Македонската радиотелевизија од приемот на Република Македонија од ОН на Ист Ривер во Њујорк, како една од битките за признавањето на Македонија и за нејзиното прифаќање во меѓународната заедница.
Од ОН во Њујорк за МРТ известуваше колегата Владимир Лапе:
Поддршката за прием на Република Македонија во ОН изразена во говорите на повеќемина амбасадори беше зајакната и со документот за спонзорство за нашиот прием потпишан од над 60-тина земји со кој се препорачува нашиот прием во ОН со акламација.
Потоа претседавачот го покани претседателот Глигоров да се обрати до Генералното собрание во кое за прв пат одекна македонскиот збор:
Глигоров: Со овој чин се круниса повеќевековното тежнение на македонскиот народ и неговата 130 годишна борба за слободна и независна држава.
Приемот на Република Македонија во меѓународното семејство на народите е чин сок триумфира правдата и станува светол пример како еден мал и мирољубив народ по мирен и легитимен пад го оствари своето право на самоопределување и државност и својата одговорност во меѓународната заедница.
Видеото продолжува со снимка од собирот на народот на плоштадот во Скопје, веднаш по враќањето на нашата државна делегација од Њујорк, од седиштетот на ОН, каде што беше одржан чинот на приемот на нашата земја во светската организациј на народите.
Говори првиот претседател на самостојна Република Македонија Киро Глигоров:
„Граѓанки и граѓани, да живее Република Македонија, рамноправна членка на ОН.“
Видеото потоа продолжува и со краток приказ на македонско-гршките односи што се воспоставија во перидот што следуваше:
Во Резолуцијата 817 внимателно е напишано дека Република Грција и Македонија ги формализирале билатералните односи со потпишувањето на Времената спогодба во Њујорк на 13 септеври 1995-тата година.
Глигоров: Ние ги изнесовме сите наши ставови кои се иначе познати, во врска со нашата определба преку дијалог да ги решиме спорните прашања меѓу нас и Република Грција. Да најдеме основи за договор кој трајно ќе го реши прашањето за соседските односи меѓу нас и Грција. Се разбира, ги изнесовме и оние наши становишта кои мора да се имаат во предвид кога се говори за тие односи и за правото на нашиот народ своето уставно име да го промовира на меѓународен план и на тој начин да се разреши и тоа прашање, а сѐ друго е предмет на преговори и на барање на заемни интереси.
На видеото од ризницата на македонската телевизија од настанот во ОН се „уловени“ и моментите на реакциите на амбасадорите на Грција и Бугарија.