Општина Пустец е дел од проектот „Заедничка услуга за лица со попреченост“ што со поддршка на Европската унија го спроведува албанското Министерството за здравство и социјална заштита.
„На настан организиран од Министерството за здравство и социјална заштита, со присуство на министерката Албана Кочиу, амбасадорот на Делегацијата на Европската унија, Силвио Гонзато, градоначалниците на општините и претставници на меѓународни организации, градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски, го потпиша договорот помеѓу Општина Пустец и Државната социјална служба за проектот „Заедничка услуга за лица со попреченост”“, објави општина Пустец.
Се додава дека проектот има за цел да обезбеди потребни услуги за лицата со попреченост, подобрувајќи ја нивната интеграција и поддршка во заедницата.
„Ова претставува голема можност за граѓаните на Пустец, обезбедувајќи поширока и поконзистентна поддршка за оние кои имаат потреба од помош и социјална грижа. Во исто време со потпишувањето на договорот нашата општина го зајакнува своето вклучување во создавање подобри можности и гарантирање услуги за сите свои граѓани, особено за оние кои се соочуваат со поголеми предизвици“, посочуваат од општина Пустец.