Тексас избра демократски сенатор по 38 години, Таларико го победи кандидатот на Трамп

Демократот Џејмс Таларико победи во трката за американскиот Сенат во Тексас, според проекциите на американските медиуми, нанесувајќи му тежок пораз на републиканецот Кен Пакстон, кого го поддржуваше Доналд Трамп. Тоа е прва демократска победа на сенатски избори во ова републиканско упориште од 1988 година.

Поддржувачите на Таларико во Остин ја дочекаа проекцијата со овации и прегратки. Во своето обраќање, тој ја спореди изборната трка со библиската приказна за Давид и Голијат, посочувајќи дека се соочил со моќни политички и финансиски противници.

„Вечерва го победивме Голијат“, им порача на насобраните.

Неговиот противкандидат Пакстон, актуелен државен јавен обвинител на Тексас, го призна поразот, објави локалната телевизија Кеј-пи-ар-си.

Победата има особена тежина затоа што Трамп го освои Тексас на претседателските избори во 2024 година со предност од речиси 14 процентни поени. Демократите со години се обидуваа да освојат сенатско место во државата, но досегашните кампањи завршуваа со републикански победи.

Таларико, 37-годишен пратеник во државниот парламент, поранешен наставник и студент по теологија, ја градеше кампањата околу трошоците за живот, борбата против корупцијата и влијанието на богатите донатори врз политиката. Истовремено, настојуваше да привлече независни гласачи и републиканци незадоволни од администрацијата на Трамп.

Пакстон ја доби републиканската номинација откако на партиските избори го порази долгогодишниот сенатор Џон Корнин. Но неговите правни и етички контроверзии беа постојана тема во кампањата и дополнителен товар во трката.

Успехот на Таларико е дел од поширокиот демократски пробив на изборите на средината од претседателскиот мандат. Според Асошиејтед прес, демократите ја освоиле контролата врз двата дома на Конгресот, со што Трамп ќе се соочи со посилна парламентарна опозиција во следните две години.

За Тексас, резултатот е историски пресврт. За републиканците, тој покажува дека и државите што долго ги сметале за сигурни можат да станат ранливи кога незадоволството на гласачите ќе се претвори во изборна мобилизација.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?